[Став] Родовата нееднаквост и дискриминацијата врз жените ни штети на сите

Ние сме во пресвртна точка за женските права. Историските и структурните нееднаквости кои дозволија да процветаат угнетувањето и дискриминацијата се изложени како никогаш порано. Од Латинска Америка до Европа и Азија, на социјални медиуми, филмски сетови, во фабриките и на улиците, жените бараат трајни промени и нулта толеранција за сексуален напад, вознемирување и дискриминација од сите видови.

Постигнувањето на родова еднаквост и зајакнување на жените и девојките е незавршената работа на нашето време и најголемиот предизвик за човековите права во нашиот свет.

Активизмот и застапувањето на генерации на жени вроди плод. Има повеќе девојчиња во училиште од кога било досега; повеќе жени вршат платена работа и имаат високи улоги во приватниот сектор, академијата, политиката и во меѓународните организации, вклучувајќи ги и Обединетите нации. Родовата еднаквост е загарантирана во безброј закони, а штетните практики како осакатување на женските гениталии и детските бракови се забранети во многу земји.

Но, остануваат сериозни пречки ако сакаме да се осврнеме на нерамнотежата на историската моќ што ја поткрепува дискриминацијата и експлоатацијата.

Повеќе од една милијарда жени низ целиот свет немаат правна заштита против домашното сексуално насилство. Глобалниот јаз во платите меѓу половите е 23 отсто, се зголемува на 40 отсто во руралните средини, а неплатената работа на многу жени е непризнаена. Застапеноста на жените во националните парламенти е во просек помалку од една четвртина, а во одборите е уште помала. Без конкретна акција, милиони други девојки ќе бидат подложени на осакатување на гениталиите во текот на следната деценија.

Онаму каде постојат закони, тие често се игнорираат, а жените кои бараат правна заштита се омаловажуваат и разрешуваат. Сега знаеме дека сексуалното вознемирување и злоупотреба се продлабочуваат на работни места, во јавни простори и во приватни домови, во земји кои се гордеат со својата стапка на родова еднаквост.

Обединетите нации треба да постават пример за светот.

Јас признавам дека ова не е секогаш случај. Од почетокот на мојот мандат минатата година, гледам промена во седиштето на ОН, во нашите мировни мисии и во сите наши канцеларии низ целиот свет.

Ние за првпат ја достигнавме родовата рамноправност во мојот тим за управување, и јас сум решен да го постигнам ова во целата организација. Целосно сум посветен на нулта толеранција за сексуално вознемирување и поставив планови за подобрување на пријавувањето и одговорноста. Тесно соработуваме со земји ширум светот за да се спречи сексуалната експлоатација и злоупотреба од страна на персоналот во мировните мисии и да се поддржат жртвите.

Ние во Обединетите нации ги поддржуваме жените ширум светот во борбата за надминување на неправдите со кои се соочуваат – без разлика дали се рурални жени кои се занимаваат со дискриминација во платите, урбани жени кои се организираат за промени, жени бегалци кои се изложени на ризик од експлоатација и злоупотреба или жени кои искусуваат други форми на дискриминација: вдовици, домородни жени, жени со посебни потреби и жени кои не се пронаоѓаат во родовите норми.

Зајакнувањето на жените е во срцето на Агендата за одржлив развој од 2030 година. Напредокот во целите на одржливиот развој значи напредок за сите жени насекаде. Иницијативата „Спотлајт“ („Spotlight“), која ја започнавме заедно со Европската унија, ќе ги насочи ресурсите за елиминирање на насилството врз жените и девојките, предуслов за еднаквост и зајакнување.

Дозволете ми да бидам јасен: ова не е услуга за жените. Родовата еднаквост е прашање за човековите права, но исто така е и во сите наши интереси: мажи и момчиња, жени и девојки. Родовата нееднаквост и дискриминацијата врз жените ни штетат на сите.

Има многу докази дека инвестирањето во жени е најефективниот начин за зајакнување на заедниците, компаниите, па дури и земјите. Учеството на жените ги прави посилни мировните договори, општествата се поотпорни и економиите се појаки. Онаму каде што жените се соочуваат со дискриминација, често наоѓаме практики и верувања кои се штетни за сите. Татковско отсуство, законите против семејното насилство и легислативата за еднакви плати им одговараат на сите.

Во овој клучен момент за женските права, време е мажите да застанат со жените, да ги слушаат и да учат од нив. Транспарентноста и одговорноста се од суштинско значење ако жените треба да го достигнат својот целосен потенцијал и да не зајакнат сите нас, во нашите заедници, општества и економии.

Горд сум што сум дел од ова движење, и се надевам дека ќе продолжи да постои во рамките на Обединетите нации и во целиот свет.

Антонио Гутереш, генерален секретар на Обединетите нации.