[Став] Македонските партии да престанат да си играат со маката на лицата со посебни потреби

Пишува: Зоран Мијалков, претседател на Здружението „Сплотени срца“ и Национална Алијанса за инклузивно општество „5до12“ и татко на две деца со посебни потреби

Засрамете се!

Од 1991 наваму во неколку наврати се менувате на власт и не ви е битен народот на Република Македонија, си играте со нашите судбини и притоа битни ви се моќта и сето она гадно материјално кое со моќта го приграбувате само за себе, вашите потесни фамилии и бизнис партнери (секоја чест на чесни поединци кои никогаш немаа шанса вистински да помогнат на сопствениот народ иако беа и се на некои позиции).

Тргнете ги вашите гнасни раце од нашата мака и борба за преживување, бидејки ваша цел од 1991 наваму на сите вас (секоја чест на поединци) е на нашата мака да вадите политички поени напаѓајки се меѓу себе.
Гревовите ваши се големи, а Господ има.

Освестете се!

Ќе пишувам сега за состојбите во Штип, а тоа е исто и во другите општини во Република Македонија:

Во Штип, Здружението „Сплотени срца“ со помош и поддршка од Инцијативата „5до12“, која премина од пред извесно време во Национална алијанса за инклузивно општество, дојдовме до идеја и направивме проект за Рехабилитациски цетар за деца и возрасни со посебни потреби. Пред локалниве избори Здружението „Сплотени срца“ иницираше да се направат трибини во сите општини на кои ги повикавме сите кандидати за градоначалник и советници и им ги укажавме нашите идеи и барања до нив, во кои барања им укажавме за потребата од Рехабилитациски центар, бидејки дневните центри не ги задоволуваат потребите на нашите деца од повеќе аспекти и дека за таа цел ни е потребно земјиште каде би бил изграден центарот и нашето барање 1% од буџетот на општините да биде издвојуван за децата и возрасните со посебни потреби.

Кандидатите убаво знаат што се понудија и ветија.

Се случи дури и понудена земја од доктор Влатко Миташев, како поклон да не може да ни се отстапи поради клаузула која вели дека докторот не може да ја отуѓи, но која може да биде изменета од Советот на град Штип на собраниска седница со минимум 12 гласови од штипските советници. Но, за жал не постои желба за ова.

Се понуди како опција да сме ја купеле земјата на лицитација, замислете – ова е одговор од градоначалникот Благој Бочварски кој е избран како кандидат на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија и коалицијата.

Од друга страна денес ВМРО-ДПМЕ од Штип излегле на прес конференција на која за жал и без срам се обидуваат да извадат политички поени на нашата мака и чиста како солза борба (борба без политички примеси, бидејќи не има од сите партиски, национални или било какви уверувања, но сплотени во борба за нашите деца и договорени да не дозволиме никој да прави кариера на нашата мака).

Имено, на прес-конференцијата, тие кои претходно беа на власт и кои за нашите деца само декларативно или малку помагаа, ги обвинуваат нивните политички противници дека не помагале на нас и нашите деца.

Па како не ви е срам!

Засрамете се и едните и другите и дај, бидете пред сè луѓе и обединете се барем околу животно важните потреби на граѓаните на чиј грб седите во тие фотељи.

Еве, за почеток, на наредната седница на Општина Штип, ве повикуваме вас – нашите советници без разлика на партија, да го ставите на дневен ред проблемот околу земјиштето од Влатко Миташев и изгласајте промена на клаузулата, како земјиштето би ни било дадено нам, за да го изградиме спасот за сегашните и идни генерации деца и возрасни со посебни потреби – Рехабилитацискиот цетар за деца и возрасни со посебни потреби.

Јас лично, Зоран Мијалков, кој сум член на ВМРО ДПМНЕ од мои 14 години, чекам извинување за денешнава прес конференција на која се обиде да се прават политички поени на маката на нашите златни чисти душички, децата и возрасните со посебни потреби.

Од вас очекував ако сте свесни со гласови на ваши советници во локалните самоуправи, или со пратениците, без приговор да ги гласате законите и барањата кои ги имаме ние родителите, како извинување од ваша страна за она малку кое го направивте за нашите деца во изминатите 11 години, исто и СДСМ правеше и прави како вас да не мислите дека некој вас ве напаѓа. Не ве напаѓам туку ви ја плескам вистината во лице.

Што се однесува до ДУИ и другите албанските и македонски партии кои се помали. Господа од ДУИ, зарем не е срамота што за децата и возрасните со албанска националност со посебни потреби „А“ буквата не сте ја кажале, туку со ситни националистички глупости одите да освоите глас повеќе. Каде ќе ви оди душата што за овие ангели ве нема никаде? Зарем мислите под тепих можете да ги скриете нашите деца?

Народе на Македонија освести се, без разлика на национална, верска,политичка или било каква друга припадност.

Освести се народе мој страден и да им кажеме на политичарите наши дека тие не заслужуваат ваков народ кој со години ги трпи нивните неправди.

Време е политичарите да почнат да работат за нас народот кој им ги даде тие пусти фотељи!

Време е за обединување околу животно важните проблеми кои не мачат сите нас, а се друго ќе се договориме. Но, прво да ги решиме животно важните проблеми во економијата, здравството и областите кои ни го определуваат животот.

Со почит,

Зоран Мијалков