[Став] Изборите, едноставно, мора да бидат слободни

Пишува: Џабир Дерала, претседател на ЦИВИЛ – Центар за слобода

На Глобалниот ден на изборите, време е да се потсетиме дека Република Македонија, од осамостојувањето до денес, се соочува со безброј предизвици во изборните процеси. Демократскиот карактер на изборите беше избришан, особено во текот на единаесетгодишното владеење на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, кога изборните процеси беа сѐ само не слободни, фер и демократски. Во честите изборни процеси, правото на глас беше повредено и манипулирано на безброј начини, а изборите беа спроведени по пат на изборни кражби, политичка корупција, структурно насилство и жестока злоупотреба на моќта.

Изборната администрација на чело со Државната изборна комисија често беше само уште една институциите-причинители на нерегуларностите. Ни по реформите кои беа дел од договорот за надминување на политичката криза, склучен во 2015 година, ДИК не успеа да се издигне над дневно-политичките потреби на партиите чии лојални претставници се, всушност, во јадрото на оваа институција. Така, наместо институција која максимално го обезбедува правото на глас, ДИК стана генератор на повредата на правото на глас, а уште повеќе во текот на жалбените постапки од поединците и од политичките партии, во што неславна улога одиграа и други институции, почнувајќи од Управниот суд.

Неодамна, јавноста дозна за коруптивните практики и злоупотребите во оваа институција, по што членовите на ДИК поднесоа оставки, па така, институцијата веќе подолго време е обезглавена.

Иако тоа во овој момент изгледа како далечна и неостварлива визија, мора да инсистираме дека правото на глас е во основата на изборните процеси ширум светот и кај нас.

Правото на глас е основно човеково право. Универзалната декларација за човековите права (1948) и современото меѓународно право го регулираат ова право како фундаментално право на секој човек на оваа планета. Секоја демократска држава во светот има обврска да воспостави општо и еднакво право на глас за сите свои граѓанки и граѓани, преку директно и тајно гласање да учествуваат во креирањето на политиките и практиките на својата земја.

Изборите се основниот столб и највисока вредност на демократијата, а државата и нејзините институции во секоја земја имаат ултимативна обврска да го обезбедат правото на глас на секој граѓанин и граѓанка. Избраните претставници во законодавните домови, институциите и политичарите се обврзани да им служат на интересите на заедниците и поединците во земјата. Впрочем, тоа е и основната цел на изборните процеси во кои кандидатите, независни и оние на политичките партии, се натпреваруваат пред гласачите со своите политички програми и ветувања за подобрување на животот на луѓето и спроведување на демократските стандарди, владеењето на правото и почитувањето на човековите права и слободи.

Граѓанската едукација за правото на глас е една од обврските на институциите, а особено на медиумите. Без слободни медиуми, не можеме да очекуваме ни слободни избори. Избирачки список во кој граѓанките и граѓаните имаат доверба е уште еден од основните предуслови за спроведување легитимни изборни процеси. Ослободување на гласачите од стравот и принудата, решително справување со политичката корупција и злоупотребите на јавните ресурси и администрацијата, се суштински важни за одржување слободни избори. На граѓанките и граѓаните мора да им припадне централното и најважно место во изборните процеси. Сите останати фактори, како што се институциите на државата и политичките партии мора да бидат во нивна служба, а никако обратно. Легитимноста на власта се црпи од степенот на легитимност на изборните процеси. Тие, едноставно, мора да бидат слободни.