Старото „Рено 4“ во нова авантура – од Стојаково до Мумбаи

Старото „Рено 4“ на Ѓорѓи Николов и Ѓоко Шуклев кое годинава помина 4.500 километри од селото Стојаково до Ница, е подготвено за нов предизвик. Со возилото, старо 40 години, тие сега ќе патуваат до Мумбаи, Индија.

Планираат да поминат над 19.000 км во двата правци низ седум држави, Грција, Турција, Грузија, Азербејџан, Иран, Пакистан и на крај Индија.

Со себе ќе понесат и логистика, односно механичар, камерман, медицинско лице и шофер, кои ќе им помагаат во текот на патот.

„Со цел да ја завршиме оваа мисија успешно и направиме уште еден свечен незаборавен прием, овој пат на вториот неофицијален панаѓур на Стојаково, 1 мај, ги покануваме јавно сите заинтересирани компании кои сакаат да ни помогнат во оваа мисија директно да не’ контактираат. Сите донации ќе бидат искористени за трошоците за оваа мисија кои според нашите пресметки се движат некаде помеѓу 12000 и 15000 евра за подготовка на возилото, визи за сите членови на екипажот, попатен смештај и трошоци во текот на патот. Во знак на благодарност, сите компании кои ќе донираат за оваа мисија ќе бидат испишани на нашето Рено“, стои во нивното известување.

Николов и Шуклев се прославија на социјалните мрежи летово, за време на нивното патување до саемот за одлтајмери во Ница, каде се претставија со своето „Рено 4“, произведено во 1978 година. За да го направат функционално, инвестирале 4000 евра и два месеци напорна работа.

[Галерија] Од Стојаково до Ница со 40 години старо „Рено 4“