[Галерија] Од Стојаково до Ница со 40 години старо „Рено 4“

Од родното Стојаково до Азурниот брег – двајцата авантуристи Ѓорги Николов и Џоко Шуклев поминаа илјадници километри со нивниот реставриран „Рено 4“ стар 40 години за да го претстават на автосаемот на олдтајмери и ексклузивни возила во Монте Карло, Монако.

Преку Белград, Загреб, Љубљана, Милано, па на крај Монте Карло, тие го завршија нивното невообичаено патешествие кое започна со долги подготовки годинава.

„Со последните зраци од жешкото Августовско сонце, се збогуваме од Азурната Обала и Франција️. Подобро место за тоа и не можевме да одбереме. Кан кој е познат по филмот и по сцените кои се редат на филмско платно. А, токму и таква беше оваа наша мала авантура, започнавме тивко и незабележително, испратени само од најблиските пријатели и кофа вода за среќен пат истурена на калдрмата пред „Кафе бар Икс“ во Стојаково. Во меѓувреме, добивме илјадници пријатели, стотици пораки за поддршка и цела држава со нас, за што сме посебно благодарни. Започнуваме нова авантура, овој пат во обратен правец, преку Италија, Словенија но овој пат и преку Јадранската магистрала да не донесат до центарот на Македонија, Стојаково“, велат Николов и Шуклев. 

На автосаемот во Монте Карло

Тие се очекува да пристигнат во родниот крај овој викенд, каде подготвуваат голем собир.

За нив, претставувањето на автосаемот во Монте Карло претставува огромно достигнување за македонскиот автомобилизам.

Николов и Шуклев во Кан

„Со фудбалски жаргон, рамо до рамо со најголемите светски ѕвезди на автомобилизмот од 90-тите, па назад се до некој ветеран од 60-тите години на минатиот век, гордо стоеше исправено и нашето „Рено 4“. Добивме многу многу честитки за самиот наш подвиг да поминеме илјадници километри за да стигнеме до азурната обала од родното Стојаково. Потоа, следуваше и по некој срамежлив обид да се добие цена за откуп на нашето „Рено 4“ за на крај да добиеме покана и за саемот следната година, но овој пат да се пробаме со некој друг модел од француските производители, „Пежо и „Ситроен“, нешто што посебно не заинтигрира. Утре е последен ден од нашата авантура, ќе го посетиме Кан и ќе го пробаме црвениот тепих со нашето „Рено 4“, раскажуваат двајцата авануристи, чии згоди и незгоди ги споделуваа изминатиов период со јавноста преку нивната Фејсбук страница.

Покрај убавите спомени кои преовладуваат, Николов и Шуклев велат дека поради срушениот мост во Џенова се одолговлечило пристигањето, но со вештите навигациски познавања на Николов успеале да стигнат до крајната цел навреме.

На возилото работеле два месеци и инвестирале 4000 евра. Иако е произведено во 1978 година, тие успеале да го ремонтираат и да го оспособат за долгиот пат.

Николов и Шуклев ги повикуваат сите вљубеници на автомобилизмот и поддржувачи на нивната иницијатива викендот да се приклучат во нивната прослава во Стојаково.