ССНМ: Продолжуваат лошите практики на нетранспарентно отпуштање новинари

Самостојниот синдика на новинари на Македонија реагира на прекинувањето на работниот ангажман на Ивор Мицковски во телевизија „Телма“. Оттаму велат дека не се задоволни со начинот на кој е спроведен чинот.

„Нетранспарентната и несоодветна постапка на прекинот на работниот ангажман на нашиот член покажува дека лошите практики во македонското новинарство и натаму продолжуваат, наспроти прокламираните заложби за реформирање на медиумскиот сектор.

Вака извршениот чин наведува на сомневање на постоење надворешни и политички притисоци и остава простор за влевање страв кај вработените во медиумите и тренирање на послушност.

ССНМ остро протестира против ваквиот третман на новинарите и медиумските работници и уште еднаш укажува дека продолжувањето на ваквата пракса може да има несогледливи последици во вкупниот медиумски амбиент“, се вели во реакцијата на ССНМ.