Средношколците Теодора и Леонид преку радио шоу даваат можност да се слушнат младите од Прилеп

Секоја сабота нивните гласови ја најавуваат новата епизода на радио емисијата „Тинтопија Шоу“. Од избор на книги, филмови и серии, промовирање млади уметници, па сè до разговори за менталното здравје, средношколците Теодора Велкоска и Леонид Момироски се обидуваат во два часа да понудат забава, интерактивност, но и да ги натераат младите луѓе од прилепскиот регион да размислуваат и да зборуваат за важни теми.

Иако учат во Средното медицинско училиште „Ѓорче Петров“ од Прилеп, велат дека најмногу ги интересира уметноста, музиката и медиумите. Токму затоа решиле да започнат младинска емисија, а во пресрет им излегло локалното Радио Пела.

„Пред сè сакаме да влијаеме на младите“, вели Теодора. „И да ги едуцираме“, додава Леонид.

„Сакавме да допреме до нив. Моментално сите сме постојано на социјалните мрежи, но од нив не излегува ништо паметно и ништо корисно. Затоа, како млади, решивме да ја направиме оваа емисија. Ние постојано сме на телефон и пишуваме, но, на пример, не знаеме кои грешки ги правиме при пишувањето. Токму затоа мислевме да ги едуцираме, или да им понудиме некој добар филм“, додава Теодора.

Досега имаат направено седум емисии. Покрај на Радио Пела, „Тинтопија Шоу“ паралелно се емитува во живо и преку видео стрим на Фејсбук. Секоја недела нивното шоу го прегледуваат по неколку илјади луѓе онлајн.

Последната епизода на „Тинтопија Шоу“ може да ја погледнете на следниов ЛИНК.

„Одбравме радио бидејќи нема друг медиум каде можеме да го искажеме нашето мислење и да ги едуцираме младите. Во нашиот град нема телевизија, во моментов не функционира. Па единствено нешто што можеме да направиме беше преку радијата“, објаснува Леонид.

Емисијата им е поделена на повеќе сегменти и во секоја од нив имаат некаква интеракција со младите. Од рубрика во која се промовираат млади таленти, разговори со млади уметници, вклучување на слушатели, поставување разни прашања, „јазичарница“ во која се поправаат честите јазични и печатни грешки, па сè до дискусија со психолог со кој отвораат различни „табу“ теми кои ги засегаат младите.

И двајцата се сложуваат дека емисии за млади недостасуваат на домашните медиуми. Баш затоа, еден од најголемите мотиви за да влезат во оваа авантура била да се пополни таа празнина.

„Сиромашни сме во тој поглед. Едноставно немаме доволно информации и не знаеме како да бидеме едуцирани. Без разлика дали е тоа преку разговорот со психологот, или преку рубриката „Пишман правила“ моментално чувствувам одговорност дека треба да едуцираме, бидејќи нема кој друг што тоа го прави. Имаме недостаток на информации, недостаток на интересни емисии“, вели Теодора.

Нивна желба е во иднина да направат соработка и со телевизиите преку кои нивниот и гласот на нивните млади соговорници би допрел до што поголема публика.

Емисијата „Тинтопија Шоу“ на Теодора и Леонид ви следниот период ќе може да ја слушате и на интернет радиото на Радио МОФ.

Даниел Евросимоски