Сојуз на средношколци: Периодов интензивно да се внимава на менталното здравје на учениците

Сојузот на средношколци упати сочуство до блиските на жрвтите од последната трагедија, но и до сите деца, родители и граѓани, посочувајќи дека нема достојни зборови кои можат да ја опишат нивната тага и потресеност по грозоморниот настан, односно убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска и на 74-годишниот Панче Жежовски.

Тие посочуваат дека оваа трагедија ќе служи како сурова лекција за попретпазливост, емпатија и сплотеност, но по најскапата цена – човечки животи.

„Учениците од сите возрасти чувствуваат дека нивната безбедност е загрозена, а воедно и нивниот комфорт како млади. Апелираме во овој период интензивно да се внимава на менталното здравје, особено во училиштата како исклучително важна средина погодена од овој настан“, велат од Сојузот на средношколци преку нивниот Фејсбук статус.

Оттаму ги потенцираа дополнителниот страв и паника предизвикани од информациониот хаос во медиумите и социјалните мрежи, додавајќи дека нивната медиумска неписменост, иако е детска и невина, има сериозни последици кои го влошуваат и пролонгираат ефектот на ваквите немили настани откако ќе се случат.

„Покрај информационата криза, согледавме дека не само младите, туку мнозинството граѓани се во бунило како да го искажат својот гнев и ефикасно да дејствуваат во пракса. Евидентно е дека има силен револт и дека тој е широко присутен, но сѐ уште на видик нема позитивна промена во реалноста како одговор. Веруваме дека ова се должи на ниското ниво на запознаеност со демократскиот систем, процеси и движења“, додаваат од Сојузот на средношколци.

Тие ја потсетија јавноста дека, како што велат, една од нивните главни заложби е зголеменото образование токму во овие области, за спречување и подобро менаџирање на ваквите ситуации во иднината.

„Апелираме до институциите за поинтензивна работа и приоритизирање на развој на предлозите од Белата книга на Сојузот ‘Изучувањето на граѓанското и финансиското образование, медиумската писменост и дебатата во средните училишта’ како предуслов за градење активни граѓани‘‘ кои ден за ден се покажуваат како сѐ понеопходни“, велат од Сојузот.