Со законски измени игрите на среќа ќе се оддалечуваат 500 метри од училиштата, АСОМ тврди дека ќе има материјални штети

Министерство за финансии подготвува измени на Законот за игрите на среќа и за забавните игри кои предвидуваат просториите во кои се приредуваат игри на среќа да бидат оддалечени на половина километар од училиштата и факултетите.

Во најавата за законските измени, објавена на Единствениот национален електронски регистар на прописи (ЕНЕР), се вели дека со постојниот закон не е уредена оддалеченоста на деловните простории во кои се приредуваат игрите на среќа од основни и средни училишта и високообразовни институции.

„Ваквиот начин на уредување дава можност младата популација да има лесен пристап до игрите на среќа. Согласно постојното законско решение, приредувачите на игри на среќа во обложувaлница и автомат клуб, со добивањето на една лиценца за автомат клуб и обложувалница имаат можност да отворат неограничен број на деловни простории односно уплатно исплатни места. Ваквиот начин на отворање на деловните простории за приредување на игри на среќа на автомати, има позитивни ефекти само за приредувачите, на кои им се овозможува со плаќање на надоместок само за една лиценца да отворат голем број на деловни простории, а негативни ефекти врз Буџетот на Република Северна Македонија заради помалку остварените приходи по овој основ“, укажуваат од Министерството за финансии.

Оттаму додаваат дека со цел заштита на младата популација од лоши и несоодветни навики за нивната возраст, се предлага деловните простории, односно уплатно-исплатните места во кои се приредуваат игрите на среќа да бидат оддалечени 500 метри од основни и средни училишта и високообразовни институции.

Асоцијацијата на спортски обложувалници (АСОМ) веќе реагираше на предложените измени, тврдејќи дека со 500 метри оддалеченост од училиштата – 8.000 вработени ќе одат на улица.

Преку денешно соопштение, од АСОМ тврдат дека законските измени се противправни на веќе издадените и постоечки лиценци и ќе предизвикаат „правна несигурност кај субјектите на коишто им е издадена лиценца со точно одреден рок на важење“.

„Условите кои ги наметнува новиот закон, де факто значат затворање на нашите објекти, а со тоа и прекин на правата кои ги регулираат лиценците. Спортските обложувалници плаќаат лиценци кон државата кои им гарантираат услови за работа за периодот за којшто е издадена лиценцата. На основ на тие лиценци, приредувачите на игри на среќа во обложувалница вложуваат во простор, средства за работа, ИТ решенија, нови вработувања. Заради наметнатата обврска на усогласување кое не било предвидено во моментот на издавање на лиценците, со барање или поведување на постапки за нанесена материјална штета која ќе ја претрпат обложувалниците, може да се предизвика и директна материјална штета по буџетот“, се вели во реакцијата на АСОМ.

Со ваквото законско решение, велат од АСОМ, буџетот ќе остане покус за над 250 милиони евра, средства кои индустријата на игри на среќа ги придонесува во државната економија, и посочуваат дека заради наметнатата обврска на усогласување кое не било предвидено во моментот на издавање на лиценците, со барање или поведување на постапки за нанесена материјална штета која ќе ја претрпат обложувалниците, може да се предизвика и директна материјална штета по буџетот.

Асоцијацијата, се вели во соопштението, стои на ставот дека нема да прифати закон кој води кон целосно затворање на индустријата.