Со „Слуга на двајца господари“ вечерва почнува Скупи Фестивал

Претставата „Слуга на двајца господари“ на Карло Голдони, во продукција на Професионалниот Театар Призрен, вечерва во 20 часот, ќе го отвори десеттото издание на МТФ „Скупи Фестивал“ кој следнава недела ќе се одржува на сцената на Младинскиот Културен Центар во Скопје.

Комедијата зборува за слугата кој се согласува да служи на двајца господари истовремено. Неговите лаги и напори да остане неоткриен предизвикуваат забуни и недоразбирања кај другите ликови. Оваа адаптација на класиката на Голдони од режисерот Куштрим Бектеши, го задржува традиционалниот импровизиран дух преку нова современа интерпретација на делото, најавуваат организаторите.

skupi-festival-2

Од претставата „Слуга на двајца господари“

Билетите, по цена од 150 денари, можат да се купат на билетарницата на МКЦ, или да се резервираат на bileti@mkc.mk. Обезбеден е превод на македонски јазик.

Од вечерва па до 9-ти ноември, публиката ќе има можност да проследи седум претстави на сцената на кино Фросина во МКЦ. Програмата содржи претстави кои варираат, од светски класици до современи авторски проекти. Во текот на фестивалот ќе биде промовирана и монографијата објавена по повод 10-годишното постоење на фестивалот.

МТФ Скупи Фестивал е поддржан од Министерството за Култура и Градот Скопје.