Со „синџир од луѓе“ долг 202 километри Баскијците побараа референдум за независност

Десетици илјади жители на шпанската провинција Баскија протестираа држејќи се за раце формирајќи „човечки синџир“, со барање да добијат право да одржат регионален референдум за независност.

Редицата долга 202 километри била организирана од баскиската група „Гуре Еску Даго“ (Во нашите раце) и се протегала од Доностиа (Сан Себастијан) до парламентот на Баскија во Гастеиз (Виторија) пренесува Еуроњуз.

Според Уставот на Шпанија, создаден во 1978 година по падот на режимот на диктаторот Франсиско Франко, државата е неделива. Минатогодишниот обид на Каталонија да одржи референдум за сецесија од Шпанија беше пресретнат со жестоки правни средства за негово оневозможување.

На поранешниот премиер Маријано Рахој, кој беше критикуван поради менаџирањето на кризата во Каталонија, на почетокот на месецов му беше изгласана недоверба и беше заменет со Педро Санчез.

Иако поголемиот дел од Баскија, каде веќе постои високо ниво на автономија и каде се негува сопствен јазик и култура, не подржува независност, многумина сметаат дека населението треба да добие можност за референдумско изјаснување по ова прашање.

Шпанската влада, поддржана од уставниот суд, останува на ставот дека секакво гласање за регионална независност е нелегално.