Со порака за ненасилство на 19 мај ќе се одржи „Матурска парада“

Со настапи на матуранти од Скопје, Гевгелија, Охрид и Струга, овогодишната „Матурска парада“ ќе се одржи утре, на 19 мај, точно напладне на Плоштадот „Македонија“.

Преку настанот, во исто време, низ повеќе градови и држави, матурантите заедно танцуваат, испраќајќи порака за ненасилство.

Од Дирекцијата за култура и уметност – Скопје и Танцов спортски клуб „Ритам плус“ – организаторите на настанот, информираат дека оваа година, учество во матурската парада ќе имаат Словенија, Србија, Словачка, Македонија, Црна Гора и Унгарија.

Тие исто така посочуваат дека вкупната бројка на обучени матурани во Скопје се 400 средношколци, додека  во останатите македонски градови, вкупната бројка е 1.500.

Организаторите на настанот истакнуваат и дека во последните години, составен дел на подготовките и на самата завршна манифестација е кажувањето на „заклетва за ненасилство“ од страна на учесниците во сите градови во земјите во кои се одржува настанот.

„На тој начин не само што во исто време на иста музика во различни градови танцуваат младите, туку тие, генерациите кои ќе го градат светот во иднина, во исто време од различни делови на светот испраќаат порака за ненасилство, мир и толеранција“, нагласуваат тие.

Во Скопје, годинава ќе настапат матуранти од 14 средни училишта и тоа Васил Антевски – Дрен, Владо Тасевски, Михајло Пупин, Раде Јовчевски – Корчагин, Здравко Цветковски, Димитар Влахов, Арсени Јовков, Браќа Миладиновци, Кочо Рацин, Шаип Јусуф, Георги Димитров, Панче Караѓозов, Јосип Броз Тито, МБУЦ Илија Николовски – Луј.

Покровител на манифестацијата во Скопје е Градот Скопје, со поддршка од Делегацијата на Европската Унија во Македонија.