Матурантите денеска полагаат мајчин јазик – првиот екстерен испит од државната матура

Матурантите денеска го започнаа полагањето на државната матура, со решавање на првиот екстерен испит – мајчин јазик. Овој испит е задолжителен за сите 15 294 кандидати колку што се пријавени за матурата во оваа учебна година.

Според податоците на Државниот испитен центар (ДИЦ), од вкупниот број пријавени, 7050 се од гимназиско образование, 7983 од средно стручно образование и 261 од средно уметничко образование. Сите тие ќе го полагаат предметот мајчин јазик. Притоа, македонски јазик и литература ќе полагаат 10 848 кандидати, албански јазик и литература 4078, а 272 матуранти ќе полагаат турски јазик и литература.

Од Министерството за образование и наука соопштија дека се обезбедени се сите предуслови за полагање, без да биде загрозено личното и јавното здравје, имајќи предвид дека годинава, пандемијата наметна потреба од дополнителни напори и активности за организација на процесот.

Министерката за образование и наука пред почетокот на полагањето упати им порача на матурантите успешно да го положат испитот и да продолжат да се надградуваат и поставуваат повисоки цели.

„Посакувам успешно да го заокружите овој процес и секако, да го продолжите патот на едукативна наобразба. Образованието е процес, а не чин. Процес кој никогаш не завршува, затоа што човек доколку сака да биде успешен мора постојано да се надградува. Знам дека, не само што нема да отстапите од зацртаните цели, кои се остваруваат исклучиво со стекнување и примена на знаење, туку постојано ќе целите и кон повисоки работи во животот и ќе станете гордост на државата која и во иднина ќе продолжи да се грижи за Вас и да создава можности за целосно остварување на Вашиот личен потенцијал“, порача Царовска.

Вториот екстерен испит, кој е изборен, е закажан за 11 јуни. Тест по математика избрале 1529 матуранти. Како и во минатите години, повеќе се определиле за странски јазик, а најголем број пријавени има за англиски (13 452). Германски јазик ќе полагаат 140, француски јазик 32, руски јазик 18.

Математика и странски јазик се избор за учениците од гимназиското и од стручното образование, додека за учениците во училиштата од уметностите – странски јазик е во алтернација со филозофија (во училиштата за ликовно образивание и има 14 пријавени) и со естетика (во училиштата за музичко образование и се пријавени 66 кандидати).

Според наставниот јазик, на македонски на 11 јуни се пријавени да полагаат 10 886 матуранти, на албански 4134 и на турски наставен јазик 274.

Минатата година матурата не беше организирана поради пандемијата, а за оваа година е утврден здравствен протокол за деновите на полагањето.  Матурантите што нема да ја положат матурата во јуни или не во целост, ќе имаат втора можност во августовската сесија – термините се 11 август за првиот екстерен и 13 август за вториот екстерен испит.

Матурантите кои се пријавени да полагаат, но во моментов се спречени поради изолација, ќе добијат нови термини за полагање на 25 и 28 јуни.