Слободен софтвер: Матичниот број да содржи цифри по случаен избор, на граѓаните им треба поголема заштита на приватноста

Матичниот број, во форма во која се употребува во Република Македонија, содржи премногу лични податоци на граѓаните. Па така, читајќи нечиј матичен број, може да се одреди на кој датум и година е родено лицето, а го открива и полот. Овие податоци, пак, се заштитени со Законот за заштита на лични податоци, иако тоа не ги спречува злоупотребите кои се случуваат на годишно ниво.

Последен таков случај којшто го привлече вниманието на јавноста беше објавувањето на избирачкиот систем од страна на Државната изборна комисија, на начин на кој секој може да му пристапува и копира податоци од него.

Ваквите случаи послужиле во формулирањето на предлог-измените за Законот за матичен број, кои невладината организација Слободен софтвер ги претстави со очекување дека идните пратеници ќе ги усвојат. Како единствена невладина во земјата која се занимава со прашања од областа на слободниот софтвер, отворените стандарди и слободната култура, сметаат дека матичниот број, во формата во којашто е застапен, дозволува граѓаните да бидат мета на злоупотреби.

„ Бидејќи матичниот број лесно се пресметува, неограничениот пристап на веб страницата на ДИК остави најмногу простор за злоупотреби“, се забележува во нивниот предлог.

Елена Накова од Слободен софтвер за Радио МОФ вели дека го подготвиле овој документ бидејќи сметаат дека на граѓаните им е потребна поголема приватност. Како пример ја зеле Хрватска.

„ Ја избравме Хрватска бидејќи до пред седум години имавме буквално ист Закон за матичен број, кој ни беше наследство од југословенското законодавство. Меѓутоа, Хрватите на патот на евроинтеграциите го променија и донесоа нов Закон за личен идентификациски број“, вели Накова.

Нивната цел, како што нагласи таа, е да се смени постоечкиот Закон и да се донесе нов, кој наместо досегашните 13 цифри, матичниот број да биде составен од 11 цифри, добиени по случаен избор. Така, вели Накова, ќе се загарантира подобра заштита на приватноста на секој граѓанин, односно нема да има премногу лични информации.

„Во Хрватска, матичниот број, односно личниот идентификациски број, го доделува Министерството за финансии, преку Даночната управа и тие всушност генерираат преку нивните системи комбинација од бројки, но важно е да има 11 цифри. Хрватите тоа го правдаат дека во Меѓународната размена на податоци пожелно е да има број којшто во себе ќе содржи помалку од 12 цифри и затоа тие се одлучија на 11“, објаснува Накова.

Според македонското законодавство, матичниот број е под надлежност на Министерството за внатрешни работи, а злоупотреби се пријавуваат до Дирекцијата за заштита на лични податоци.

Накова вели дека тие како организација се обратиле до Дирекцијата за да прашаат дали регистрирале злоупотреби на матичниот број и доколку има, кои институции ги прават?

„ Тие ни одговорија, да, дека се забележани злоупотреби на матичен број. Како примери ги издвоија извршителите и пријавниците на компаниите. Извршителите со пуштање на огласи  преку гласилата, не водат сметка матичниот број да не биде непотребно видлив, исто и со пријавниците на компаниите, преку давање на лични податоции“, рече Накова.

Радио МОФ се обиде да добие одговор на прашањата што треба граѓаните да направат во случај кога нивниот матичен број е злоупотребен, колку изнесува бројката на злоупотреби на годишно ниво, и дали е потребна реформа во Законот, но до објавувањето на текстот не добивме никаков одговор.

Според Накова и Слободен софтвер, ова може да отвори и други прашања, па да се редат куп процеси, иако тие повеќе се осврнуваат на приватноста.

„На пример кај нас, во Агенција за катастар на недвижности, имаат застарени податоци, може да не ги ажурирале, иако сте смениле презиме, сте направиле промена на документи и слично. Но, бидејќи кај нас нема доволно добро поврзување на органите на Државната управа, може да ви пласираат застарени податоци. Има ситуации кога на починато лице му стигнуваат и понатаму дописи од Катастар и неговите наследници не можат да одат да ги подигнат, затоа што системот не е доволно ажуриран“, појасни таа.

Според неа, ваквите измени на Законот се потребни, бидејќи ја олеснува борбата против корупција и злоупотреба на службената положба на државниците.

„Кога Хрватите го донесоа Законот за личен идентификациски број, тоа беше дел од една севкупна промена и општоинформатизација на државната управа. Преку интернет поврзување на сите органи може да се врши автоматска размена на податоци, а со тоа има и други дејности. Може да се следи дали една личност е основач на повеќе трговски дејности, што утре може да послужи во борбата против корупцијата, може да послужи и за следење на даночниот систем, регуирање на имот на правни односи. Интересно е и тоа што во Хрватска немаше трошоци за граѓаните по промените на Законот“, рече Накова.

„Тоа може да послужи за да се убедат пратениците дека е добра идеја и кај нас да се донесе некој сличен закон“, додаде таа.

Е.П.