Слободата на изразување низ праксата на Европскиот суд за човекови права

Невозможно е функционирање на демократските процеси во кое било општество без право на слобода на изразување. Колку е подемократско општеството, толку е поголема слободата на изразување, бидејќи толеранцијата, почитта кон искажаното и кон индивидуалните мислења се едни од најважните елементи за напредок.

Ова го пишува во воведот на публикацијата „Слободата на изразување низ праксата на Европскиот суд за човекови права“, авторката судијата Мирјана Лазарова-Трајковска.

Целта на публикацијата, како што рече Лазарова-Трајковска на денешната промоција, е да даде генерална слика за обврските на државата во однос на правото на слободата на изразување, да ги посочи заемната поврзаност и упатеноста на ова право со другите слободи и права гарантирани со Европската конвенција за човекови права.

Слободата на изразување, како што истакна, оди рака под рака со обврските и одговорноста на етичкото новинарското постапување, кое значи почитување на правата и слободите на другите и презентирање на информации кои ќе почиваат на добра волја да се покренат теми од јавен интерес.

Лазарова – Трајковска во оваа прилика рече дека годинава Република Македонија ја доби и првата пресуда во Судот во Стразбур поврзана со новинарската слобода на изразување и правото да се пренесуваат информации од јавен интерес.

„Имајќи го предвид фактот дека пресудата „Селмани и другите против Република Македонија“ со самото објавување привлече посебно внимание во Европа и пошироко, во оваа анализа и посветив посебно поглавие“, рече Лазарова – Трајковска.

Пресудите на Европскиот суд за човекови права, како што посочи, не се против Република Македонија, туку се за Република Македонија.

Евроамбасадорт Самуел Жбогар меѓу другото истакна дека денеска токму преку социјалните мрежи секој граѓанин има пристап до јавниот простор, па оттука и секој мора да е свесен за слободата која ја има во изразувањето на своето мислење.

Оваа публикација, како што рече, францускиот амбасадор во Македонија Кристијан Тимоние, е многу важна затоа што не потсетува на големата одговорност што сите ја носиме.

Публикацијата е изработена во рамките на проектот: „Член 10 на Европската конвенција за човекови права: што може да се научи од случајот: Селмани и другите против Република Македонија (пријава бр. 67259/14)“ финансиран од Амбасадата на Франција во Македонија и од проектот: „Мрежа на новинари за медиумските слободи“, финансиран од Европската унија.

МИА