Славни личности денес ги бојкотираат Инстаграм и Фејсбук поради говорот на омраза на социјалните мрежи

Десетици славни личности се вклучија во акцијата на еден ден да ги бојкотираат Фејсбук и Инстаграм со цел да се подигне свесноста за омразата која се шири на социјалните мрежи.

Леонардо Ди Каприо, Џејми Фокс, Саша Барон Коен, Ким Кардашиан Вест и Мајкл Б Џордан се само дел од познатите личности кои се вклучија во кампањата.

Ди Каприо соопшти дека се вклучува во акцијата на граѓански организации од САД во повикот „сите корисници на Инстаграм и Фејсбук да протестираат за засилената омраза, расизам и поткопување на демократијата преку овие платформи“.

Движењето #СтопНаОмразатаЗаПрофит (#StopHateForProfit), кое повика на 24-часовно „замрзнување“ на користењето на Инстаграм во текот на денешниот ден, вели дека Фејсбук не прави доволно за да се спречи говорот на омраза на неговите платформи. Ова движење во јули успеа да убеди стотици организации да го паузираат рекламирањето на платформите во сопственост на Фејсубк.

Од Фејсбук велат дека направиле промени во следењето на говорот на омраза, а ќе назначат и нов директор кој ќе ги надгледува проблемите со граѓанските права.

Од #СтопНаОмразатаЗаПрофит велат дека нивните акции не се насочени кон другите социјални мрежи, како Твитер и Реддит, кои според нив, веќе презеле „цврсти активности против опасните теории на заговор“.