Сите бои на Месечината – Предавање на Скопското астрономско друштво

Во пресрет на неколку феномени поврзани со Месечината, за кои се пишува во медиумите, Скопското Астрономско Друштво овој четврток, во 20 часот, ќе одржи предавање со наслов „Сите бои на Месечината“.

„Дојдете за да научите повеќе околу тоа што треба да очекувате кога ќе слушнете за „сина Месечина,“ „супермесечина“ „крвава Месечина“ и сите останати природни и социолошки феномени поврзани со нашиот природен сателит. Ќе дознаете зошто Месечината нема „темна страна“, зошто секогаш е свртена со истата страна кон нас, повеќе околу тоа како настануваат нејзините фази и уште многу интересни факти“, најавуваат организаторите.

Предавањето ќе се одржи во амфитеатрот при Факултетот за електротехника и информациски технологии. Влезницата чини 100 денари, додека за членовите на
Скопското астрономско друштво и за студентите од ФЕИТ, Машински факултет и ФИНКИ – Скопје цената е 50 денари.