Сиромашните се луѓе, не статистика

Стојче Василев од Пробиштип е еден од илјадниците луѓе кои се погодени од сиромаштија во земјава. За животот во сиромаштија тој јавно зборуваше пред медиумите, денеска, на Меѓународниот ден за искоренување на сиромаштијата. Вели дека собира шишиња, а со заработувачката од петстотини денари  три дена ги храни децата, кои постојано се потценувани од средината, затоа што нивниот татко, како што вели, бара по контејнери.

Василев 18 години работел во градежна фирма. Сега се жали дека полека му откажуваат екстремитетите, и дека за 2 месеци можеби ќе остане во количка. Замислен е, од каде тогаш ќе најде средства за неговите деца.

„Со алишта тешко се снаоѓам, Црвениот крст не работи, ме одбиваат. Во општина се обраќам, од нигде ништо. Децава кога ќе одат на екскурзија, јас морам да се снаоѓам, од каде пари, што…“, разочарано раскажува Василев.

Тој прашува под кој услов бараме и сакаме да „одиме во Европа“.

„Сакаме да  одиме во Европа, под кој услов ќе одиме во Европа. Бараме Европа, ама за Европа ги немаме стандардите. Дури и вработените во опшина Пробиштип по конфекциите ги држат и по 12 часа и преку тоа, на работно место. Трудовата инспекција не реагира, зошто не реагира…“ вели тој.

Во 2016 година, 111.737 лица биле корисници на социјална помош, во 2017 година стапката на сиромашни лица изнесувала 22.2%, а 2.3% од вработените лица во 2018 година земале плата до 12.000. Вака покажуваат бројките, кои не се само статистика, велат од Македонската платформа против сиромаштија. Затоа годинава го одбележуваат Меѓународниот ден за искоренување на сиромаштијата под слоганот „Сиромашните се луѓе, не статистика!“.

За претседателката на Македонската платформа против сиромаштија, Билјана Дуковска позитивно е тоа што борбата со сиромаштијата се става како приоритет на владината агенда, па се надева дека на долг рок тоа ќе вроди со успеси.

„Во моментов се наоѓаме на почетокот на социјалната реформа и чуствата се измешани, дали таа е добра и дали ќе вроди со позитивни ефекти или не. Бидејќи различни организации од различни градови ни споделуваат различни искуства. Сепак, сакам да напоменам зошто ни е многу важно да бидеме денеска тука пред вас,  и под слоганот „Сиромашните се луѓе, а не статистика“, да објасниме дека тие се повеќе од бројка“, вели Дуковска.

Дуковска објаснува дека во Македонија нема голем процент на екстремната сиромаштија, но, дека има луѓе кои живеат на дното и се неактивни на пазарот на трудот, и во општествените текови.

„Од друга страна имаме долгорочно невработени луѓе со квалификации кои што во текот на годините ја изгубиле можноста да дадат придонес. Овие вториве мислам дека под итно, треба да се најде механизам да се вклучат во сите општествени текови, првенствено на пазарот на труд“, вели Дуковска.

Зоран Биковски од невладината организација „КХАМ“ од Делчево, смета дека борбата со сиромаштијата не значи само Закон за социјална заштита, туку и пристап до здраствени политики, младинска гаранција, до отворање нови работни места. Тоа што посебно загрижува е што отсуството на владеење на правото и имплементација на донесените закони.

„Како пример, извршителите сѐ уште ги блокираат сметките на корисниците на гарантиран минимален приход, УЈП сѐ уште дава наредба за блокирање на сметки за радиодифузна такса на корисници на социјална помош, а всушност по законска основа немаат право да го прават тоа. Тоа значи дополнителен притисок врз лицата кои живеат во сиромаштија“, вели Биковски.

Тој посочи и на регионалното осиромашување, како на пример во Пијанечко-малешевскиот регион, во кој вели дека нема ниту една странска инвестиција која би овозможила, луѓето кои се корисници на ГМП (н.з. гарантиран минимален приход) да бидат активирани на пазарот на трудот.

„Она што е најпоразително во делот на владеење на правото, сѐ уште имаме сериозна трудова експлоатација која ја измачува пред се жената во текстилната фабрика, ја става на колена и ја става надвор од здравствениот и социјалниот систем, затоа што ако одбие да работи 20 работни дена, за 2000 денари, таа може да добие отказ во којшто ќе се прикаже дека сама го напуштила работното место“, посочува Биковски.

Потсети и на ветувањата кои се давале во минатото, а кои се однесуваат на вработувањата на локално ниво.

„Ветувањата беа дека треба да се отворат бизнис центри во секоја општина, ветувањата беа дека треба да се отворат најмалку шест акцелератори кои ќе го поттикнуваат младинското вработување. Ветувањета беа дека ќе имаме Гаранција за млади во секоја општина. Сега Гаранција за млади имаме само во три региони, и повторно источно-планскиот регион е недостапен“, завршува Биковски.

Мартин Колоски