Сиромашните граѓани од денеска можат да добијат адвокат и правна помош целосно платени од Министерството за правда

Со новиот Закон за бесплатна правна помош, кој од денеска стапува во сила, граѓаните кои се со незавидна финансиска положба можат да се обратат до Министерството за правда и до неговите подрачни единици и да побараат да им се даде правна помош или да им се обезбеди адвокат кој ќе биде платен од Буџетот на Министерството.

Новина во законот е што сега се покриваат сите трошоци поврзани со обезбедувањето на правната помош. Како што информираат од Министерството за правда, досега не се покриваа судските такси, трошоци за вештачење и слично, што беше пречка за многумина да добијат заштита заради дополнителните трошоци. Со новиот закон, корисниците на бесплатна правна помош се ослободуваат од судски трошоци и од трошоци за вештачење и истото ќе се врши од Бирото за судски вештачења без надомест.

Бесплатната правна помош граѓаните можат да ја добијат за имотно-правни спорови, должничко-доверителски односи, за прашања од пензиско и инвалидско осигурување, за застапување на жртви на семејно насилство, за остварување на социјална помош, за спорови со осигурителни компании и во други случаи.

Министерката за правда Рената Дескоска при промовирањето на новините во овој Закон истакна дека тој содржи хумана димензија која подразбира дека материјалните можности не смеат да бидат пречка за остварување на правата на граѓаните“.

Дескоска потенцираше дека со овој закон, граѓаните кои немаат доволно финансиски средства ќе можат да ги остварат своите права пред судовите, пред управните органи, но и пред други државни органи како што се Уставниот суд, народниот правобранител и др институции.

Законот предвидува давање на примарна и на секундарна правна помош. Примарната правна помош ја даваат овластени лица од Министерството за правда или од подрачните одделенија кои ги има по градовите во внатрешноста на државата. Примарна правна помош даваат овластени здруженија. Досега се регистрирани седум вакви здруженија.

Примарна правна помош ќе даваат и правните клиники  на правните факултети. Почнувајќи од денес, правните факултети на првите седум рангирани универзитети може да поднесуваат барања за регистрација на правните клиники.

„Со тоа даваме можност да се воспостави двојна корист – бесплатна правна помош на оние на кои им е потребна и можност за практична настава за студентите на факултетите кои од студентските клупи ќе го учат правничкиот занает, а тие секако ќе бидат менторирани“ – потенцираше Дескоска.

Секундарната правна помош ја даваат адвокатите и таа се состои од застапување во граѓански судски постапки, во управни постапки пред Фондот за пензиско и инвалидсно осугуривање, Фондот за здравствено осигурување, застапување во постапка за расправање на оставина пред нотар, составување поднесоци на должник пред извршител и слично. Новина на овој закон е што бесплатна правна помош добиваат и жртви на кривични дела.

Кои услови треба да ги исполни барателот на бесплатна правна помош?

–             Ако барателот живее сам неговиот месечен приход да не е поголем од утврдената минимална плата.

–             Ако живее во семејство – вкупниот приход да не биде поголем од минимална плата зголемена за 20% од минималната плата за секој член поеинечно. Тоа значи 12.500 денари плус 2.500 денари или вкупно 15.000 денари месечен приход ако се двочлено семество, или 17.500 денари за трочлено семејство, 20.000 за четиричлено семејство, итн.

–             При тоа како приход не се смета надоместок за помош и нега од друго лице, родителски додаток за дете, детски и посебен додаток, додаток заради посебни потреби, надоместок на плата за скратено работно време итн.

–             Исто така барателот на правна помош не треба да има повеќе од еден едностанбен објект или стан во зграда

–             Да нема повеќе во сопственост од една или повеќе физички поврзани парцели со вкупна површина од 300 м2 во Скопје, 500 м2 во другите општини, односно една или повеќе парцели со вкупна површина не поголема од 5.000 м2 во рурални средини, и

–             Едно моторно возило до 1200 кубни сантиметри.

Министерката за правда ги охрабрува граѓаните кои ги исполнуваат условите за добивање бесплатна правна помош да се обратат до подрачните одделениија на Министерството за правда, до граѓанските здруженија, додавајќи дека се надева дека наскоро ќе може да се обраќаат и до правните клиники на правните факултети.