„Синестетички релации“ – изложба во Центар за култура Ѓорче Петров

Дванаесет слики, видео, објекти и триесет и две керамички фигурини ќе бидат делата претставени на групната изложба „Синестетички релации“, во авторство на уметниците Борче Богоевски и Татјана Ристоска, која ќе се одржи на 2 ноември, четврток со почеток во 20 часот.

Во Центарот за култура Ѓорче Петров, ќе може да се видат дела каде уметничкото дуо го одбира небото и безграничноста на небесните структури, како тематски двигател.

Според историчарката на уметност, Ангела Витанова, во изложбата, интенциозно насловена ,,Синестетички релации“, небото претставува само еден почетен чекор од кој авторите ја црпат инспирацијата, со цел да разработат една многу подлабока, посуштествена релација, променливата, а постојано обновлива природа на постоењето.

„Тие го претставуваат небото со една посебна воздушеста леснотија, вонвременска и вонпросторна. Кругот и неговата форма како вечна, незапирлива и постојано присутна циркулаторна енергија на животот и неговиот баланс, како сеприсутен двигател на сé што нé опкружува, авторите го одбираат како основна одредница за нивната изложба, како симбол за духовната хармонија на постојаниот круг на животот, од една страна, и од друга, како што потенцираат и самите автори, како симбол за ,’непроменливоста на енергијата, на битието и постоењето’“, вели таа

Витанова се надоврзува велејќи дека Борче со четка и боја од уредна палета на бело-синкави тонови и магливи сребреникаво-сивкасти нијанси ја раскажува приказната на еден избран сегмент од небесното синило, а Татјана тродимензионално им дава ,,живот“ на облаците кои претопувајќи се едни во други, укажуваат на нивната апстрактна фигуративност, која сепак на моменти граничи и со доза на антропоморфизам, збунувајќи го окото на гледачот.

Изложбата ќе биде отворена за посетителите до 14 ноември.