Шведска е најдобрата држава во светот, Македонија 60-та од вкупно 162 земји

Шведска се наоѓа на првото место на Индексот на добри земји, од вкупно 162. Македонија се наоѓа на 60-тото место на оваа листа.

Шведска е на врвот на индексот за најдобра земја на светот, кога станува збор за служење во интерес на своите жители, истовремено избегнувајќи штетни влијанија врз другите земји и околината.

Државата е прва од вкупно 162 вклучени во истражувањето направено врз основа на 35 одделни индикатори, од извори како Обединетите нации и Светската банка.

Шведска е на највисокото место поради позитивните придонеси кон начинот на живеење, како просперитет, еднаквост, здравство и добросостојба, како и добар културен живот.

Македонија на севкупната листа се наоѓа на 60-тото место. Во однос на придонес на светската наука и технологија, нашата држава се наоѓа на 27-мото место, според култура на 57-мото, носпоред почитување на интернационалниот мир и безбедноста е на дури 125-то место. За почитување на светскиот ред и мир се наоѓаме на место број 59, за глобален придонес кон зачувување на планетата и климата на место 62, за просперитет и еднаквост на 93-то место, а за здравје и благосостојба на место број 119.

Од земјите од регионот, најдобро котираат Словенија (29), Бугарија (30) и Грција (32).

Исланд е на прво место за севкупен придонес кон планетата и зачувување на климатските услови и околината, со ниски емисии на јаглероден диоксид и минимално производство на штетни материјали.

Кога станува збор за наука и технологија, на првото место е Велика Британија, поради големиот број на научни студии и публикации, Нобелови награди и патенти.

Индексот покажува дека Шведска прави повеќе добро, а помалку штета од било која друга земја. Помали држави како Ирска, Кенија, Исланд и Костарика опаднале на листата во однос на претходните години, делумно затоа што светските настани имаат поголемо влијание на помалите држави, пишува Independent.

Истражувањето, кое ги споредува придонесите на земјите кон планетата и човечката раса во однос на нивната големина, измерено преку ГДП, е смислено од политичкиот советник Сајмон Анхолт, а негова цел е да „најде начин да ги охрабри државите да соработуваат многу повеќе, а помалку да се натпреваруваат“.

„Добра држава е онаа која успешно придонесува за доброто на човештвото. Секако дека мора да служи на интересите на своите луѓе, но никогаш на сметка на другото население или своите природни ресурси. Ова е новиот закон на преживување на човештвото“, вели Анхолт.

И покрај додавањето на 38 земји повеќе од последното издание на индексот, Либија повторно е на последното место.