Што пропушти на Радио МОФ?

На крајот на оваа работна недела, Радио МОФ во нова рубрика ви ги претставува ТОП 5 вестите за изминатата недела, од областа на образованието, културата, граѓанското општество, политиката, животната средина и слично. 

Што ги одбележа изминатите седум дена, прочитајте во продолжение:

1. [Фото] Започна втората парада на гордоста во Скопје

фото: Радио МОФ

Со знаменца, транспаренти, музика од подвижна бина и со стотици луѓе, започна втората парада на гордоста во Скопје, која заврши во градскиот парк.

Граѓани уште од 10 часот се собраа во паркот „Жена борец“, каде можеа да ги подигнат алките за влез на парадата која е организирана од Националната мрежа против хомофобија и трансфобија.

Организаторите претходно посочија дека настанот е протест, но и прослава, на која, како што велат, се реафирмираат надежите за посолидарно, похумано и поправедно општество.

2. Помалку пари за нови училишта и екологија, повеќе за студенти и спорт со ребалансот на Буџетот [Инфографик]

Новиот Предлог ребаланс на Буџетот, кој беше усвоен од Владата и од почетокот на следниот месец ќе се најде пред пратениците, предвидува кратење пари за средното и високото образование, инвестиции во нови училишта и заштита на животната средина, а повеќе средства, од првично предвидените, се наменети за студентскиот стандард, основното образование и изградба на спортски сали.

3. [Интервју] Лука Павичевиќ, Сојуз на средношколци: Не сме слушнати, толку е твитот!

ФОТО: Сојуз на средношколци на РСМ

„Како држава не смееме да дозволиме уште една генерација да го започне своето средно образование во услови на крајно неквалитетна онлајн настава“, вели новиот претседател на Средношколскиот сојуз Лука Павичевиќ во интервју за Радио МОФ.

Тој најави дека работат на предлог на Закон за средношколското организирање со цел, како што истакна, да има демократски и легитимни ученички заедници.

Прочитајте кои се идните планови и приоритети на Павичевиќ во однос на Сојузот, за наставата од наредната учебна година, но и за младинските проблеми.

4. [Фото] Видео бим го покри муралот „Човекот од Струга“, авторот револтиран од односот кон уметничкото дело

Стружани и домашните и странски туристи кога ќе поминеа во централното подрачје на Струга го гледаа „Човекот од Струга“, впечатлив мурал кој од 2017 година стана едно од современите уметнички обележја на градот. Сега „Човекот од Струга“ е покриен од билборд со видео бим, поставен буквално пред самиот мурал.

Својот револт за ваквата ситуација преку социјалните мрежи веднаш го искажа визуелниот уметник Горан Ристовски. Како автор на муралот заедно со Марко Јанев и Енкел Дика, потсетува дека бил направен со склоп на проектот „Струга креативен град“.

5. Од сала за венчавки до младински центар – Радио МОФ во посета на „Матично“

Кога во 2019 година извидниците побараа младински центар, на форумите што ги организираше Општина Центар за да го чуе гласот на граѓаните, тие не можеа ниту да замислат дека ќе го добијат „Матично“. Просторот од околу 600 квадрати во центарот на градот познат како некогашната сала за венчавање на скопјани, од неодамна стана младински центар чии активности ги планира Сојузот на извидници на Македонија.