[Фото] Видео бим го покри муралот „Човекот од Струга“, авторот револтиран од односот кон уметничкото дело

Стружани и домашните и странски туристи кога ќе поминеа во централното подрачје на Струга го гледаа „Човекот од Струга“, впечатлив мурал кој од 2017 година стана едно од современите уметнички обележја на градот. Сега „Човекот од Струга“ е покриен од билборд со видео бим, поставен буквално пред самиот мурал.

Својот револт за ваквата ситуација преку социјалните мрежи веднаш го искажа визуелниот уметник Горан Ристовски. Како автор на муралот заедно со Марко Јанев и Енкел Дика, потсетува дека бил направен со склоп на проектот „Струга креативен град“.

„Долги години тој ѕид беше празен, но доста приметлив во амбиентот на почетокот на Чаршијата. Отсекогаш ме привлкуваше таа локација за да се интервенира врз ѕидот, бидејќи е голем, привлечен и убав за јавноста. Така да, во 2017 покренавме иницијатива да го исцртаме. Досега имаше само позитивни реакции за ‘Човекот од Струга’, некои и се фотографираа со него и објавуваа по социјалнните мрежи. Досега немаше никакво уништување, дури и кога се поставуваа плакати, тие беа малечки формати, поставени настрана за да не доминираат врз самиот мурал“, вели Ристовски во разговор со Радио МОФ.

Пред неколку денови почнале да доаѓаат реакции од негови познаници. Му праќале фотографии како е никната некаква конструкција пред муралот, за потоа да видат дека се работи за видео бим, на кој вртат реклами, фотографии и видеа.

„’Аман, можеле да одберат друга локација?!’. Тоа беше мојата, но и реакцијата на други луѓе. Постојат многу попривлечни места за такви промотивни бимови“, забележува уметникот, дополнувајќи дека е чудно што е поставен на улица со пешачки премин.

„Кој ќе се загледа во реклами на пешачки премин?“, прашува Ристовски.

Но, настрана од тоа, гледа поголем проблем во постапувањето врз ваквите современи уметнички интервенции во јавниот простор.

„Многу ми е криво. Не дека е моја креација и на блиски автори, но мислам дека сличен случај имавме и во Тетово, покривена беше ѕидната слика на Павле Кузмановски. Постојат и други примери, кои стануваат некаква пракса и не треба да замижуваме на вакви постапки. Треба да реагираме, а јавноста да знае да ги препознае и почитува новите уметнички вредности што се’ повеќе и повеќе се во тренд во Европа и светот. Се’ повеќе и повеќе се исцртуваат и реализираат, посебно големи монументални мурали. Тие стануваат туристички атракции во самите градови“, вели тој.

За покривањето на муралот на социјалните мрежи реагираа и негови колеги. Никола Пијанманов го нарече „вандализам против современата уметност“.

Според Ристовски, револтира односот, но и немањето политики од локалните самоуправи за негување на модерните ликовни решенија. Односно, нивна одговорност за зачувување на вакви обележја, истовремено и визија за планирање и организирање на јавниот простор.

Дотолку повеќе што муралот во 2017 беше поддржан и од ЕУ, а зелено светло дала и општината.

„Ова отвора прашање за многу други работи. Дефинитивно некој сноси одговорност и треба да се воведе ред во ситуацијата“, констатира Ристовски.

Радио МОФ контактираше со Општина Струга, од каде рекоа дека се запознаени со муралот. Оставивме телефонски број за да добиеме одговори на прашањата дали и на кому дале дозвола за билбордот. До објавување на текстов немаме повратен одговор.

Бојан Шашевски