Помалку пари за нови училишта и екологија, повеќе за студенти и спорт со ребалансот на Буџетот [Инфографик]

Новиот Предлог ребаланс на Буџетот, кој беше усвоен од Владата и од почетокот на следниот месец ќе се најде пред пратениците, предвидува кратење пари за средното и високото образование, инвестиции во нови училишта и заштита на животната средина, а повеќе средства, од првично предвидените, се наменети за студентскиот стандард, основното образование и изградба на спортски сали.

Основниот буџет за Министерството за образование и наука се намалува за 0,24% или скоро 55 милиони денари. Најголем дел од ова предвидено кратење се должи на ставките „средно“ (129 милиони денари) и „високо образование“ (76 милиони денари). Се кратат средствата кај сите универзитети освен кај Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, кој добива 1,5 милиони денари повеќе од првичниот Буџет.

36 милиони денари помалку се предвидуваат за инвестиции во образованието. Најголем дел од ова намалување отпаѓа на ставките за изградби на основни и средни училишта, додека се крати и од ставките за изградба и реконструкција на ученички и студентски домови. Истовремено околу 33 милиони денари повеќе се предвидуваат за реконструкција на основни училишта.

Скоро 14 милиони денари се кратат од Буџетот предвиден за наука, а 18 милиони денари има помалку и за ставката „интеграција во ЕУ“.

Најголемо зголемување во Буџетот на МОН е предвиден во ставката „студентски стандард“, каде се распределуваат дури 129 милиони денари повеќе од првичниот буџет за 2021 година. Зголемување од 70 милиони денари има и во основното образование, а 17 милиони денари повеќе се предвидени за „ученички стандард“.

Буџетот на Министерството за животна средина и просторно планирање се намалува за скоро 18 милиони денари, или 2,4% помалку во споредба со првичниот буџет за годинава. Единствено зголемување во ова министерство може да се забележи во ставката „администрација“ каде се предвидени 16% повеќе пари, односно околу 9 милиони денари. Истовремено за 22 милиони денари, или околу 4%, се намалува буџетот за заштита на животната средина.

Најпосле го разгледувавме и предвидениот ребаланс во Агенцијата за млади и спорт, чиј буџет е зголемен за дури 21%, односно нешто над 90 милиони денари. Скоро сите овие дополнителни средства се наменети за ставката „спортски објекти“, додека буџетот за „млади“ и „меѓународен програм“ остануваат непроменети.

Расправата во Собранието за ребалансот Буџетот е предвидено да започне на 1 јули, за кога е закажана и седница на Комисијата за финансирање и буџет. Според предложените измени на буџетот вкупните приходи се зголемени од 212 милијарди на 222,6 милијарди денари. Владата предлага расходите да пораснат на 268,8 милијарди денари, односно буџетскиот дефицит да изнесува 46,2 милијарди денари.

Според Владата со овој ребаланс приоритетите до крајот на 2021 година ќе бидат насочени кон справување со последиците од пандемијата, преку зголемување на обемот на инвестициите со директна поддршка на активностите на компаниите, отворање на нови работни места преку активните мерки за вработување, како и со поддршка и развој на микро, мали и средни претпријатија.

„За да се реализираат целите во справувањето со КОВИД-19 пандемијата, со овие измени и дополнувања на Буџетот на Република Северна Македонија за 2021 година на расходната страна на Буџетот се ограничуваат одредени планирани трошења кај  буџетските корисници кои суштински и директно не се поврзани со справувањето со здравствената пандемија, како и се сведуваат на минимум сите непродуктивни трошења од Буџетот“, соопштија од Владата по седницата на која се изгласа ребалансот.

Даниел Евросимоски