Анализа: „Колабирани“ капитални инвестиции – во првото економско полугодие реализација од само 23%

Ребалансираниот Буџет со намалена сума на капитални инвестиции козметички ќе ја подобри сликата со реализација на јавните инвестиции – но податоците пред усвојување на новиот прекроен Буџет покажуваат дека во првата половина од годинава од вкупната планирана сума со првиот Буџет се остварени само 23% од планираните јавни инвестиции – клучни за економскиот развој, пишува Порталб.

Долга листа на институции со минимално потрошени пари за капитални расходи

Со ребаланс на Буџетот годинава Владата предвиде капитални расходи во висина од 520,4 милиони евра што е за 16% помалку во однос на првичниот Буџет во кој беше проектиран износ повисок од 600 милиони евра. Податоците за реализација на јавните инвестиции за период од шест месеци се алармантни – остварени само 22,9 %. „Порталб“ објавува кои институции колку пари потрошиле за развој.

И натаму има институции со минимална реализација, пониска од 10% а во нив спаѓаат Собранието кое од вкупниот Буџет од 1,9 милиони евра за капитални инвестиции реализирало само 5,2%, Државниот завод за ревизија е со реализација од 9,1%, Оперативно-техничката Агенција со буџет за капитални расходи во висина од 4,1 милион евра реализирала само 4,9%, Секретаријатот за европски прашања од скоро 300 000 евра потрошил само 2,5%, Државното правобранителство од планираните 19 000 евра потрошило само 9,9%, Инспекцискиот совет иако имал на располагање скоро 1 милион евра, за половина година реализирале само 4,7% од оваа сума, Агенцијата за примена на јазикот со буџет за капитални расходи во износ од 135 000 евра потрошила само 1,2%. Во оваа група со остварување пониско од 10% се и : Дирекцијата за заштита и спасувањеУправата за извршување санкцииИнспекторат за употреба на јазициДржавен инспекторат за трудМАНУПИОМ.

Но има и институции, агенции кои за шест месеци не потрошиле ниту денар од сумата планирана за јавни инвестиции односно се со нула реализација но поголем дел од нив се институции кои имале на располагање и пониски суми за капитални расходи, а тоа се Агенција за управување со одземен имотСовет за управување и надзор на ревизијата,  Државниот инспекторат за техничка инспекцијаДржавниот инспекторат за животна срединаДржавен комунален инспекторатБиро за судски вештачења, додека Агенцијата за вработување реализирала само 0,9% а  Управата за јавни приходи 0,3% од првично планираниот износ за капитални инвестиции.

Над 70% од средствата за јавни инвестиции биле потрошени од страна на Владата 76,1%, Секретаријат за законодавство има реализација од 88,1%, Државниот завод за индустриска сопственост реализирал 84,3%, Агенција за иселеништво 98,1%, Државен инспекторат за локална самоуправа 91,4%, Државен инспекторат за градежништво со реализација од 98,3%.

И дел од министерствата „со лазачко“ темпо на остварување на јавните инвестиции

Анализата на податоците за реализација на капиталните инвестиции кои се под менаџмент на министерствата покажува дека и клучни ресори под чија капа се значајни инфраструктурни проекти, за половина година имаат алармантни резултати.

Така на пример Министерството за транспорт и врски кое со првичниот Буџет имаше на располагање дури 170 милиони евра, во првото полугодие од годинава од оваа сума потрошило само 5,9%.  Ниска реализација има и Министерство за локална самоуправа но овој ресор со првичниот Буџет имаше на располагање значајно понизок износ за капитални инвестиции од само 336 000 евра,

Министерството за земјоделство за кое првично беа планирани 9,2 милиони евра, за половина година потрошило 37,5%. Пониска реализација од само 12,7% има во Министерството за труд и социјална политика, Министерство за образование со 19,4% додека Министерство за здравство со буџет за развој во износ од 20,1 милион евра потрошило 12,7%.

Реализација капитални инвестиции (јануари-јуни)

Министерство за локална самоуправа                             4,3%

Министерство за транспорт и врски                                 5,9%

Министерство за култура                                                     9,0%

Министерство за одбрана                                                     9,1%

МНР                                                                                             11,9%

Министерство за труд                                                            12,7%

Министерство за здравство                                                  12,7%

Министерство за животна средина                                    13,8%

Министерство за образование                                             19,4%

МИОА                                                                                           19,9%

Министерство за земјоделство                                             37,5%

МВР                                                                                               42,7%

МФ- функции на држава                                                         53,6%

Министерство за економија                                                  76,2%

На крајот од јули остварувањето на капиталните инвестиции е нешто над 30%.

Порталб