[Интервју] Лука Павичевиќ, Сојуз на средношколци: Не сме слушнати, толку е твитот!

„Како држава не смееме да дозволиме уште една генерација да го започне своето средно образование во услови на крајно неквалитетна онлајн настава“, вели новиот претседател на Средношколскиот сојуз Лука Павичевиќ во интервју за Радио МОФ.

Тој најави дека работат на предлог на Закон за средношколското организирање со цел, како што истакна, да има демократски и легитимни ученички заедници.

Во продолжение, прочитајте кои се идните планови и приоритети на Павичевиќ во однос на Сојузот, за наставата од наредната учебна година, но и за младинските проблеми.

Кој е Лука и како јавноста подобро да го запознае новиот лидер на Сојузот на средношколции?

Ај да почнеме со техникалиите: јас сум Лука, живеам во Скопје, од септември ќе бидам трета година во меѓународното училиште НОВА како стипендист на фондацијата „Борис Трајковски“. Многу е чудно кога треба за себе да пишуваш во трето лице или да ја претставиш својата личност пред целата јавност. Обично во вакви ситуации луѓето се соочуваат со две опции: да бидат (целосно) искрени или да го кажат она што (мислат дека) им се допаѓа на другите. Ќе бидам искрен: уште од основно образование сум заинтересиран за средношколското организирање кое видов дека не функционира ширум земјава. Почнав да волонтирам во Националниот младински совет уште пред да бидам VIII одделение, а се зачленив во средношколските клубови на МОФ кога бев основно. Така, започна мојата приказна во граѓанскиот сектор. Главната цел на моето волонтирање е да сторам нешто што ќе им помогне на моите врсници. Да не звучам премногу досадно, во слободното време сакам да читам, уживам во прошетките со моето куче Чарли и сакам да талкам по Скопје. Имам многу променлив и еклектички вкус за музика, а највеќе јадам благо. Ах, да, омилен предмет ми е Историја.

Ајде малку да ве доближиме до публиката. Презентирај ја моменталната структура на Сојузот, кои сте и што сте?

Значи, вака: Сојузот функционира на две нивоа. Централно и локално. Локалното го сочинуваат ограноците, кои имаат младински амбасадори и активисти. Централното се состои од три органи. Тие се Генералното собрание, Извршниот одбор и Комисијата за надзор. Извршниот одбор всушност е мојот тим: Ера, Емира, Јана, Стефанија, Ева, Адора, Влатко и Јован. Сите се посветени и мотивирани млади луѓе со искрена желба да го подобрат животот на средношколците во нашата земја.

Се проширувате речиси во сите градови. Мислите ли дека средношколците ќе го разберат подобро младинското учество, секако и со тоа да се приклучат кон Сојузот на средношколци?

Токму така – во 2017 година Сојузот функционираше во 4 градови, за сега да имаме локални ограноци во дури 20 градови ширум земјава. Кога ќе кажеме градови, не е важна средината во која живее или местото на живеење на средношколецот, туку локацијата на училиштето кое го посетува. Поради ова, нашите ограноци ја покриваат целата држава. Сметам дека средношколците кои се активисти во Сојузот на средношколци имаат одлична шанса за себе-развивање, но исто така тие подобро го разбираат и младинското учество како клучно за младите во едно општество. Вечната парола на Сојузот е: „Од средношколците – за средношколците!“

Дали треба законски да се уреди попрецизно средношколското организирање, за да биде слушнат гласот на млaдите?

Апсолутно! Средношколското организирање е единствен начин средношколците да учествуваат во нашево општество во улога на средношколци. Средношколското организирање за мене е нешто што го нарекувам внатрешколска демократија. Прашањево мора да биде законски регулирано, доколку сакаме да го избегнеме негативното влијание на политичките партии и училишните администрации врз ученичките заедници. Сојузот сака да види демократски и легитимни ученички заедници. Јас и мојот тим, односно Извршниот одбор, моментално работиме на создавање на текстуален предлог на Закон за средношколското организирање.

Како новo избран ,,војвода” на средношколците, која е вашата прва цел? Дали е тоа враќање во училишните клупи од септември месец?

Ќе почнам да мислам дека ти, Станиша, ми ги читаш мислите! Да, врвен приоритет е враќање на средношколците во училишните клупи од септември. Тие училишта кои имаат услови би оделе целосно физички, останатите треба да го следат комбинираниот модел. Како држава не смееме да дозволиме уште една генерација да го започне своето средно образование во услови на крајно неквалитетна онлајн настава. Ние во Сојузот ќе продолжиме да се залагаме за комбинираната настава, знаејќи дека сме во право.

Кои се најголемите проблеми со кои се соочуваат средношколците и како до нивно решение?

Не сме слушнати! „Толку е твитот“. Предолго дозволуваме одлуки кои нас нè засегаат да се носат без наше учество. Недопустливо е најголемата група во образовниот систем – учениците да немаат никаков начин да придонесат во процесите на одлучување. Никаков друг начин освен Сојузот, секако. Решавањето на проблемите на средношколците е преку наше прифаќање како еднакви партнери во носењето на одлуки кои нас нè засегаат. Поконректно, мојот тим издвои 7 проблеми кои ги мачат средношколците. Решенијата за овие проблеми се во нашата програма, која ќе биде објавена на нашата страница во скоро време.

Сите луѓе во светот имаат сопствени замислени желби. Која е твојата желба за Сојузот – што сакаш да постигнеш и промениш?

Сакам да го видам Сојузот развиен во една силна институција. Сакам Сојузот да биде втор дом за сите средношколци. Активно ќе работам, со поддршката на мојот тим, секој средношколец тука да се почувствува добредојдено и да биде слободен да го искаже своето мислење. Сојузот е нешто револуционерно – ние средношколците се самоорганизираме без посредување на училишните службеници. Сè повеќе средношколци стануваат активисти на Сојузот, та верувам дека нашиот глас ќе одекнува посилно, а нашите заложби ќе бидат целосно исполнети. Сакам Сојузот да биде центарот во којшто ќе се слеваат идеите и иницијативите од целата држава.

Дали средношколците се идентификуваат со новото раководство, дали е легитимно нивното претставување како такви?

Не знам колку можам објективно да го одговорам ова прашање. Но, можам на публиката да ѝ ги пренесам реакциите кои ги добивам од страна на другите средношколци. Искрени честитки и многу, многу ентузијазам. Искрена желба за промени. Не само желба – туку и силна волја да се вложи труд и напор за тие промени да се остварат. Заедно можеме да постигнеме многу. Ако сме разделени, пропаѓаме. Мошне едноставна ситуација. Еден од слоганите за време на мојата кампања гласеше: „Back To School!” Има две значења. Буквалното значење е поврзано со комбинираната настава. Второто, притаено значење е да им покажеме на сите граѓани што можеме да направиме. За да го вратиме целото општество во училишните клупи, нужно е да бидеме сплотени!

До каде сте сега, како и што планирате понатаму? Идни ваши заложби?

Летниот распуст ни е планиран за комбинираната настава и за средношколското организирање. Овие две прашања беа издвоени како приоритети во програмата. Исто така, искрсна и проблемот со свидетелствата. Така што, моментално работиме на овие три прашања. Без разлика, јас и мојот тим имаме многу идеи како да го подобриме образованието. Ќе се обидеме во нашиот двегодишен мандат целосно да ги исполниме сите седум точки од програмата.

Ако си министер за образование, што би направил за средношколците?

Би ги сфатил сериозно и би седнал на иста маса со нив. Би донел правило за задолжително учество на средношколците во сите работни групи, комисии, бирократии. Ако сум министер за образование, значително би ми се олеснило спроведувањето на предлозите. Значи, сегашната програма би ја имплементирале за шест месеци, а останатите три и пол години би подразбирале целосна трансформација на македонското образование. За разлика од сите досегашни министри, не би сакал со реформите да почнеме од нула, туку мора да се има институционална меморија. И секако да имам мандат подолг од една година – да го истерам цел, што се вели!

Станиша Станковиќ