Што пропушти на Радио МОФ?

На крајот на оваа седмица, Радио МОФ ви го претставува нашиот избор на топ вестите за изминатата недела, од областа на образованието, културата, граѓанското општество, политиката, животната средина…

Што ги одбележа изминатите седум дена, прочитајте во продолжение:

1.Пациентите со цистична фиброза оддадоа почит на Илиевски – од Владата очекуваат лек до крајот на месецов

Над 2.2 милиони евра се обезбедени за итна набавка на лекот Трикафта за најкритичните пациенти со цистична фиброза, а најавено дека ќе се направи тригодишна програма која ќе ги покрие сите пациенти со оваа болест. Во меѓувреме, ќе се формира посебно тело кое ќе направи измени на Законот за јавни набавки, Законот за лекови и Законот за здравствено осигурување за да може директно да се преговара за набавка на лекот со производителот.

Ова се заклучоците по средбата на Владата со Асоцијацијата за цистична фиброза (АЦФ), додека пред владината зграда, граѓани одржаа едноминутен молк, палеа свеќи и оставаа цвеќиња, како последна почит за Благојче Илиевски, почитнатиот пациент со цистична фиброза. Претходно, Асоцијацијата заедно со активисти и поддржувачи одржаа и протест пред Владата.

2.„Ало автобуска, немате сајт“ – Македонскиот автобуски превоз заглавен во минатиот век

Во држава во која не постои доверлив патнички железнички сообраќај, единствен начин економично да се патува од еден до друг македонски град е со автобус. Но, во 2023 година, кога сите информации се на интернет, во С. Македонија не може да се купи автобуска карта онлајн, а најголемиот број автобуски станици низ земјава немаат ниту веб-сајт.

3.#ИнстаИлустрации со Вокер Гаванде: Со секоја илустрација се обидувам да ја доловам борбата што ја водат луѓето

Рубриката #ИнстаИлустрации е повторно во етерот за сите заинтересирани илустратори.

#ИнстаИлустрации ја освеживме со уметноста на Вокер Гаванде, Американец кој својот дом го пронашол токму во Скопје каде живее од 2020 година.

Неговата скорешна илустрација со Малиот принц кој држи меч и штит и ја носи пораката „Не го чепкајте МКЦ!“ стана популарна на Инстаграм, а пред неколку дена на Фестивалот за свежа и независна музика „Земјотрес“ се продаваа стикери и беџови со илустрацијата. Гаванде вели дека цртањето е негов начин да го изрази своето мислење за актуелните случувања околу Младинскиот културен центар (МКЦ).

4.Игри на (не)среќа – помеѓу казина и училишта, колку се мисли на младите?

„Ова не се игри на среќа, ова се игри на несреќа“, вели Јуши Емрулаи од Движење „Антикоцкање“, откако пред неколку дена во Владата се утврди Предлог-законот со кој се изменува и дополнува Законот за игрите на среќа и за забавните игри.

Преку Предлог-законот, кој ќе влезе на сила по усвојувањето во Собранието, се предвидува локалите во кои се приредуваат игри на среќа да бидат оддалечени не помалку од 500 метри од основните и средните училишта.

5.#ПетАлбумиЗаПоДома на Ана Голејшка Џикова

Радио МОФ ја враќа во погон рубриката #ПетАлбумиЗаПоДома. Објавуваме по пет музички албуми, избор на разни личности, од различни профили и генерации, за да слушнеме нешто што не сме чуле, или да се навратиме на заборавени музички парчиња.

Прва во реобновената рубрика ја имаме Ана Голејшка Џикова, поетеса и градско цвеќе што обожава осминки бурек, седум-осмински тактови и мир во светот.

6.Незадоволни од новите професори, учениците од МИГ бојкотираа настава

„Дојдовме тука за да научиме повеќе и да добиеме помош, а не да работиме сами. На местото на нашите стари професори доаѓаат други кои имаат послаби квалификации во однос на критериумите што се потребни за работа во оваа гимназија“, порачаа дел од средношколците од Математичко-информатичката гимназија (МИГ) во Скопје на протестот пред училиштето во Општина Карпош.

Државната Математичко-информатичка гимназија во второто полугодие доби нови професори кои беа избрани по тридневен оглас од директорот на училиштето. Учениците кои ја бојкотираа наставата таму тврдат дека новите професори кои ги запознале пред неколку дена немаат доволно квалификации да им предаваат по специјализираната програма за математика и информатика по која учат тие.

7.#РаскажиМи: „Селото на чудата“ од Димитар Арнаудов

Овојпат во рубриката #РаскажиМи го читавме краткиот расказ „Село на чудата“ од Димитар Арнаудов.

„Им се налутив малку на моите семејни пријатели Достоевски и Ками, поради тоа што ме нарекоа крадец, но тие не знаат дека под крадец на оваа територија се подразбира успешен човек, човек кој ужива углед и кој вели дека чесно си ги заработил парите, па и дека ова е време на арамиите“.

8.Со проценка од МКФ ќе се доделува и посебен додаток, службите тврдат нема да има застои

Посебен додаток, образовен асистент, ортопедски помагала… овие мерки, независно дали се поврзани со социјала, здравство или образование, отсега ќе се добиваат откако ќе се изврши проценка на децата и младите со атипичен развој во новите Служби за функционална проценка (МКФ).

Ваквите промени дојдоа на сила преку Правилникот за функционална проценка. Според најавите, досегашниот термин и пракса на „категоризација“ треба да замине во историјата. Па, наместо да се бркаат повеќе инстанци и да се оди во Заводот позади „Симпо“ на наод и мислење, сега проценките ќе се извршуваат преку регионалните тела на МКФ. Така ќе се стекнува и правото за посебен додаток.

9.[Подкаст] Мегафон: Породилно отсуство и за татковците

„Потребно да се даде дополнителен поттик за татковците да можат да останат и да се грижат за своето бебе.  Дотолку повеќе за работодавачите кои сѐ уште се убедени дека ‘тоа е работа на мајката и нема што тука татковците да се плеткаат’“, вели Маја Атанасова од Македонското здружение на млади правници (МЗМП).

Атанасова е наш соговорник во новиот подкаст #Мегафон, каде зборуваме за предлог-законот за работни односи со кој би се дало можност за породилно отсуство и на татковците. Со новитетите, првите 20 недели ќе ѝ припаѓаат на мајката, за потоа секој од родителите да има по дополнителни четири месеци.

10.#НизТвојотОбјектив – Една Сказна од Елена Василевска

Во рубриката #НизТвојотОбјектив се дружевме со Елена Василевска и нејзината Една Сказна снимена со филм.

„Една Сказна е фото проект инспириран од истоимените миксови на Ненад Стефаноски и убавината на овековечување моменти на филм“, вели таа за Радио МОФ.

Серијата фотографии на Елена, како што вели таа, се сликани во текот на 2022 година, во Милано, Скопје, и Охрид, на филм Kodak Gold 200 и Ferrania Solaris 200 со изминат рок.