[Подкаст] Мегафон: Породилно отсуство и за татковците

„Потребно да се даде дополнителен поттик за татковците да можат да останат и да се грижат за своето бебе.  Дотолку повеќе за работодавачите кои сѐ уште се убедени дека ‘тоа е работа на мајката и нема што тука татковците да се плеткаат’“, вели Маја Атанасова од Македонското здружение на млади правници (МЗМП).

Атанасова е наш соговорник во новиот подкаст #Мегафон, каде зборуваме за предлог-законот за работни односи со кој би се дало можност за породилно отсуство и на татковците. Со новитетите, првите 20 недели ќе ѝ припаѓаат на мајката, за потоа секој од родителите да има по дополнителни четири месеци.

„Ова е супер заради што таткото не може да се откаже од овој период. Ако таткото одлучи да не ги користи тие четири месеци што му следуваат, породилното ќе си трае девет месеци. Така што, ова е многу супер новина што и на работодавачите ќе им ја скрати можноста за да речат ‘мајката може да се грижи за детето’“, посочува Атанасова.

МЗМП се залагаат овие четири месеци целосно да се платени. Според Атанасова, поволно е таткото да ги има на располагање за да ги користи со своето дете, а досега за ваквите финансиски импликации потврдуваа и од ресорното министерство.

Маја Атанасова

„Законот за работни односи регулира што се случува на работа. А, плаќањето и овие трошоци кои не паѓаат на работодавецот се регулираат со Законот за здравствено осигурување. Таму мора да се наведе на кој начин и во кој износ ќе се врши плаќањето за ваквиот вид отсуство“, објаснува Атанасова.

Низ медиумите досега од организациите на работодавачи посочија дека како „проблем“ може да е тоа што во услови на недостаток на работна сила, би немало да се најде замена за работникот што ќе оди на породилно. Од друга страна, за Атанасова е неразумно животите на граѓаните да се организираат според потребите на работниот процес.

„Ова укажува дека и претходно постоела таа невидлива дискриминација за ‘да внимаваме кој ќе вработиме, случајно да не отиде на породилно’. Така што, ако измените имаат таков (контра) ефект, тоа би било супер. За да се види дека работодавачите, едноставно, не ни приметуваат кога дискриминираат, бидејќи фокусот е исклучиво насочен само кон остварување профит“, забележува Атанасова.

Таа нагласува дека во развиените европски земји ова не е веќе ниту предмет на дискусија. Заради тоа што е прифатен концептот на родова еднаквост, така што и двете страни подеднакво се вклучени во сите овие процеси.

„Не се ни дискутира дали таткото треба да биде на родителско отсуство, бидејќи сфаќаат дека и двајцата родители се важни за детето биде во контакт и комуникација со своето семејство. Така што, ова е супер за да се тргнат и стереотипите дека породилното отсуство е само за доење на детето и ништо друго не му е потребно. Ова е голем чекор за нас, иако е 21 век и е жално што е голем чекор за нас, меѓутоа – подобро некогаш отколку никогаш“, нагласува таа.

Бојан Шашевски