Земјоделките произведуваат храна за сите и одгледуваат генерации, а немаат платено породилно отсуство

Земјоделките во Македонија, поточно 1.075 жени регистрирани како индивидуални земјоделци немаат право на платено породилно отсуство. Овие жени се здравствено осигурани и имаат редовна обврска да плаќаат здравствено и социјално осигурување, но тие не можат да пристапат до правото на платен надоместок за отсуство од работа поради бременост, раѓање или мајчинство. 

Овие тези со оцена како нехуман третман кој негативно влијае врз здравјето на земјоделките, претставниците од Мрежата за заштита од дискриминација ги посочија на денешната прес-конференцијата, каде изнесоа предлог-решение за овој проблем.

„Станува збор за системски проблем кој опфаќа повеќе аспекти за тоа како е дојдено оваа категорија на жени да биде надвор од законското решение. Тие работат над 11 часа на ден, што од друга страна ги ограничува во однос на информациите што ги добиваат од медиумите или од заедницата и всушност тоа прави да плаќаат за нешто, а всушност не знаат до кој степен треба да им бидат обезбедени правата“, истакна Лилјана Јоноски од Рурална коалиција, едно од 70-те граѓански здруженија што ја поддржуваат иницијативата.

Јоноски додаде дека истражувањето според кое е подготвено барањето опфатило повеќе од 350 земјоделки од кои, според нивните наоди, само 9 го искористиле правото на платено породилно отсуство, и тоа по основ различен од оној по кој се регистрираат.

Марина Тошеска од здружението „ЛАГ Агро Лидер“ посочи дека индивидуалните земјоделки никогаш не се товар на државниот буџет, односно сами плаќаат здравствено осигурување.

„Тие произведуваат храна за сите нас, одгледуваат генерации, немаат платено боледување, ни годишен одмор и немаат платено породилно отсуство“, забележа Тошеска.

Прес-конференција на Мрежа за заштита од дискриминација / фото: Радио МОФ

Имено, според Законот за работни односи, член 165, мајката во Република Северна Македонија има право на платено породилно отсуство во траење од 9 месеци непрекинато. Со ваквата бенефиција, жените се стекнуваат согласно членот 5 од Законот за здравствено осигурување.

„Во членот 5 од Законот за здравствено осигурување како осигуреници се препознаени индивидуалните земјоделци, меѓутоа се изоставени во делот каде се однесува на стекнување на правото, предвидување на висина на основица на платено породилно отсуство и висината на надоместокот што треба да го добијат“, рече Јована Јовановска Кануркова од Хелсиншкиот Комитет за човекови права.

Како што рече Јовановска Кануркова, самовработените лица врз основа на други законски прописи остваруваат платено породилно отсуство, но нашиот закон индивидуалните земјоделци ги препознава како одделена категорија и оттука тие не може да го остварат конкретното право.

Системско решение сега и веднаш 

Активистите кои стојат зад иницијативата изготвиле барање кое предвидува дополнување и измени во Законот за здравствено осигурување што ќе опфатат промена во членовите 14, 16 и 17.

„Ние предвидовме дека во членот 14 треба да се додаде и точка 4, односно да се додадат индивидуалните земјоделци како осигуреници кои стекнуваат право на платено породилно отсуство. Во членовите 16 и 17 кои се однесуваат на висината на основицата предвидовме дека износот на надоместокот за отсуство поради бременост, основицата треба да е нето износот на минималната плата исплатена за претходната година, односно во моментов 18.000 денари“, забележа Јовановска Кануркова.

Марина Тошеска по изнесувањето на ризиците со кои се соочуваат бремените земјоделки апелираше дека е потребно системско решение на овој проблем сега и веднаш. Како што рече таа, според процените што ги направила Мрежата, предлог-решението донесено со следење на сличните системи на државите во Европската Унија ќе влијае минимално врз државниот буџет.

„Проценките се направени во две сценарија, во првото како максимален број на корисници се земени една четвртина на земјоделките регистрирани според Законот односно од 1.075 имаме 269 корисници што на годишно ниво би изнесувало 54.104.000 денари, меѓутоа доколку се разгледаат податоците на Фондот за здравствено осигурување можеме да видиме дека на 1.000 жени имаме 37 родилки во 2021 година и максималниот број на родилки по региони е 48 на 1.000 жени. Оттука, на годишно ниво овие финансиски импликации би изнесувале 10.368.000 што е 0,001% од вкупниот буџет на државата“, поентираше Тошеска.

Надлежните институции незаинтересирани за решение

Мрежата за заштита од дискриминација и претходно се обиде да искомуницира со надлежните институции за решавање на овој проблем. Во март оваа година претставници од мрежата остварија средба со претходната Министерка за труд и социјална политика, Јагода Шахапска, по што, како што денес изјавија за Радио МОФ, од средбата произлегла само работна група на „хартија“.

„По таа средба се формираше работна група ама само на хартија. Нас ни беа испратени барања за номинација на членки и се издаде решение кој се ќе биде во таа група и тука се застана. Оттогаш Министерството немаше никаков повратен одговор во делот на ова прашање“, укажа Јовановска Кануркова.

Во меѓувреме, активистите информираат дека Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство се обидува преку програма да ја реши законската празнина што ги изоставува земјоделките при остварување на правото на платено породилно отсуство.

„Ваквата програма не може да биде решение, затоа што на нас ни треба системско решение бидејќи ако се решава со програма, они пак во системот нема да бидат препознаени. Ако не направиме законска измена пак ќе биде исто и затоа би сакале сега исто да се испрати допис и да видиме доколку постои волја навистина да се решава со системско решение“, забележа Тошеска.

На денешната прес-конференција иако, како што беше кажано пред почетокот, покрај медиуми биле поканети претставници од надлежните министерства и пратеници од Собранието, но присуствуваа само новинари.

Активистите се загрижени дека ваквиот нееднаков пристап кон правото за платено породилно отсуство дополнително влијае да се намали  бројот на регистрирани индивидуални земјоделци. Најавија дека барањето ќе биде испратено до Министерствата за здравство, труд и социјална политика и земјоделство и до пратениците, а упатија и апел кон граѓанскиот сектор да изрази поддршка со цел да се даде видливост на ова прашање.

Ангела Бошкоска