Незадоволни од новите професори, учениците од МИГ бојкотираа настава

„Дојдовме тука за да научиме повеќе и да добиеме помош, а не да работиме сами. На местото на нашите стари професори доаѓаат други кои имаат послаби квалификации во однос на критериумите што се потребни за работа во оваа гимназија“, порачаа денес дел од средношколците од Математичко-информатичката гимназија (МИГ) во Скопје на протестот пред училиштето во Општина Карпош. 

Државната Математичко-информатичка гимназија во второто полугодие доби нови професори кои беа избрани по тридневен оглас од директорот на училиштето. Учениците кои денес ја бојкотираа наставата таму тврдат дека новите професори кои ги запознале пред неколку дена немаат доволно квалификации да им предаваат по специјализираната програма за математика и информатика по која учат тие.

„Тука сум денес бидејќи не сум задоволна од честата промена на квалитетниот професионален кадар кој ни предава во училиштето. Притоа, таа промена се случува секое полугодие со што се отежнува нашата подготовка за натпревари која е најважна во овој период. Но, и се губи време со тоа што треба да се запознаеме со новите професори одново и одново. Притоа некои врвни професори кои ни предавале претходно и со кои сме вежбале и за олимпијади веќе не ни предаваат“, изјави Емилија Николовска, ученичка во трета година и воедно од првата генерација ученици на оваа гимназија.

Како што вели таа со постојаните промени на професори губат многу голема помош што би можеле да добијат.

„Ние во трета година имаме 80% од предметите ни се стручни тоа значи дека имаме само 8 часа нестручни предмети, другите сите се стручни. Мислам дека 22 часа неделно ни се стручни предмети“, истакна ученичката.

Учениците во оваа Гимназија не започнаа со настава во второто полугодие на 23 јануари како нивните врсници во другите училишта. Причината беше што договорите на професорите кои биле вработени во првото полугодие не беа обновени, а дотогаш не беше објавен ниту јавен оглас за вработување нов кадар.

Јавниот оглас менаџментот на Гимназијата го објави на 31 јануари, а тој траеше три дена. На него аплицирал и Миле Јованов  кој предавал во МИГ првите две години од основањето, односно учебните 2020/21 и 2021/22. Тој бил одбиен без никакво образложение.

„Добив само известување дека сум одбиен, да ги подигнам документите и дека не сум примен. Тоа е тоа. Што и не е проблем за мене не е лично прашањето. Учениците не се изманипулирани како што обично кога ќе излезе менаџментот во училиштетот. Учениците се доста свесни, ова се одбрани деца од цела Македонија коишто имаат постигнато успеси зад нив, за разлика од менаџментот на училиштето којшто нема и тие знаат кој професор е добар, кој не е. Можат да почувствуваат во текот на наставата и да видат дали тој професор им нуди знаење или не“, изјави тој денес.

Јованов предава на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство при УКИМ и е претседател на Здружението на информатичари на Македонија

Јованов заедно со професорот Зоран Мисајлевски биле едни од иницијаторите за формирање на ваква Гимназија во Скопје во 2011 година. И двајцата се универзитетски професори при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје. Тие истакнаа дека огласот е спроведен на недоволно транспарентен начин и со низ пропусти и дека на ваква гимназија и ученици им е потребен врвен кадар.

Зоран Мисајлевски

„Значи имаме ситуација помалку квалификувани личности да одлучуваат за повисоко квалификувани личности. На пример, кој ќе предава математика односно информатика треба да одлучува институтот за информатика, факултетот ФИНКИ да одлучуваат кој се најдобри стручњаци. А сега имаме обратна ситуација. По Законот за математичка гимназија треба од една година да бидат договорите значи од 1 септември да се направат. Сега имаше на 1 февруари оглас. Тој е со многу пропусти, не пишува какви документи се потребни, трае само три дена, објавен е само на сајтот на Математичко-информатичката гимназија. Тука треба да предаваат универзитетски професори. Голем дел од предметите има тесна врска конкретно за математичките предмети меѓу институтот за математика и универзитетските професори од областа математика со оваа гимназија“, посочи Мисајлевски.

И двајцата професори инсистираа дека нивната цел не е тие да се вработат во Гимназијата, туку да помогнат таа да се задржи на идејата по која била основана првично.

„Во оваа гимназија јас разбрав дека има професор којшто држи 18 часа тоа се 5 различни предмети, 5 различни програми. Тоа е невозможно. Не постои човек во Македонија или во светот којшто може да ги одржи тие часови квалитетно. Идејата е дека треба тие 5 предмети да ги држат три, четири или пет различни професори којшто секој ќе одвои од своето универзитетско време и ќе дојде тука да работи со овие деца“, нагласи професорот Јованов.

Директорката на МИГ, Јулија Гајдаџиева денес иако повикана од медиумите, не излезе да даде изјава пред училиштето, а не одговараше ниту на пораки. Покрај тоа, ученици од МИГ денес анонимно пристапија до Радио МОФ, тврдејќи дека директорката ги советувала дека изборот на кадар „не ги засега нив“. Исто така тие се пожалија дека директорката дел од нив ги повикала на состанок и притоа им ги одзела телефоните.

Тие веќе втор ден ја бојкотираат наставата, а за понатаму рекоа дека зависи од денешниот совет на родители кој се одвиваше внатре во училиштето додека траеше протестот.

Од Сојузот на средношколци реагираат за недостатокот на образовен кадар во МИГ

Ангела Бошкоска