Шкотска пратеничка одржа анти-Брегзит говор инспириран од „Trainspotting“

Шкотската пратеничка Хана Бардел одржа жесток анти-Брегзит говор пред присутните во Парламентот, базиран на воведниот монолог од култниот филм „Trainspotting“.

Пратениците вчера се собраа во Вестминстер за да дебатираат дали да се изгласа член 50, со кој би се забрзал процесот на повлекување од Европската Унија. Изненадувачки момент од целата дискусија беше кога Бардел се одлучи да им оддаде почит на Ирви Велш, Дени Бојл и Иан Мекгрегор кога излезе пред говорницата. Таа рече дека неодамна го гледала новото продолжение, што ја инспирирало. Монологот неодамна беше објавен, но прилагоден на денешницата, иако сега, тој доби и политички пресврт.

„Избери Брегзит. Избери измислени бројки за реткиот воздух од Националниот здравствен сервис и нивно лепење на автобусите“, рече таа.

„Избери расистички и ксенофобични чувства кои произлегуваат од некои делови на кампањата „за“ заминување.

Избери злосторство од омраза кое порасна над 40 отсто и злостортвото од омраза против ЛГБТ кое достигна 150 отсто во Англија и Велс, по референдумот за Брегзит. Одбери да го изнесеш народот на гласање за најважното прашање на една генерација, без ништо запишано и план.

Избери игнорирање на интересите на луѓето во Шкотска и покрај фактот што тие гласаа за да останат во ЕУ. Избери напуштање на единствениот пазар, ризикувајќи 80 000 шкотски работни места за една деценија, што Шкотланѓани би ги чинело во просек 2 000 фунти годишно во плати.

Избери намалување на БДП на Шкотска за повеќе од 10 милијарди фунти и извозот за над 5 милијарди фунти. Избери витален статус на европски работник под закана од голема неизвесност за семејството, бизнисите и економијата.

Избери ризикување на нашата меѓународна положба во академските истражувања и иновациските заедници, така што го губиме пристапот до финансирање, експертиза и луѓе во ЕУ. Избери повлекување од Европската асоцијација за медицина без никакви детали и помисла за влијанието.

Избери го враќањето во ерата на Тачер, на сиромаштија и штедење. Избери Велика Британија да и го сврти грбот на Европа. Овa не е изборот што шкотскиот народ го направи“.