Шест европски места кои плаќаат за да се преселите таму

Дали би сакале да живеете во Швајцарија, Шпанија или Италија и за тоа да ви биде платено? Иако изгледа како шега, но сепак постојат повеќе европски градови кои поради опаѓањето на бројот на население нудат пари во замена за нови жители.

Многу рурални места се соочуваат со популација која старее, а младите се преселуваат во поголемите градови, или пак се решаваат да немаат деца. Со цел да се справат со овој проблем, дел од локалните власти охрабруваат странци да дојдат да живеат во овие места преку грантови за преселување или пари во готовина.

Од Апенинскиот до Пиринејскиот Полуостров, Еуроњуз направи список на места во Европа кои плаќаат на луѓе кои се преселиле во нив.

Сардинија, Италија 

Сардинија – Фото: dronepicr / Flickr

Италијанскиот остров Сардинија нуди по 15.000 евра на луѓе кои би се преселиле таму.

Позната по песочните плажи, синото небо и тиркизната вода, оваа медитеранска идила се соочува со драстично опаѓање на бројот на население, бидејќи голем број млади се иселуваат во странство за работа.

За да се спречи овој тренд, Владата одвои 45 милиони евра за грантови за преселување, што се доволни за да се исплатат 3.000 поединечни апликации.

За да може да се аплицира за овој грант, кандидатите мора да се преселат во некоја од општините во Сардинија каде живеат помалку од 3.000 луѓе. Парите, исто така, мора да бидат искористени за купување или реновирање на куќа и тој не може да го надминува половина од целосниот износ платен за куќата или реновирањето, што практично значи дека во одредени случаи ќе се исплатат помалку пари од сумата од 15.000 евра.

Оние кои успешно ќе аплицираат мораат таму да живеат постојано и мора да се пријават за дозвола за постојан престој во Сардинија во следните 18 месеци од преселувањето.

Рубија, Шпанија

Рубија – Фото: Haadelbos / Википедија

Шпанското село Рубија во Галиција плаќа на експатриди (професионалци кои живеат и работат надвор од својата матична држава) по 150 евра месечно за да живеат во местото. Оваа програма е наменета за семејства и целата е дека на овој начин ќе се подигне бројот на ученици во локалните училишта.

Рубија е лоцирана на северозападот на Шпанија, на околу 2,5 часа возење источно од Сантијаго де Компостела.

Албинен, Швајцарија

Албинен – Фото: Onepau / Википедија

Селото Албинен на Швајцарските Алпи е дом на помалку од 250 жители. За да ја подигне популацијата оваа мала општина нуди преку 50.000 евра на семејства кои би сакале да се преселат во неа.

Ова живописно место се наоѓа на само еден час возење од популарниот ски-ресорт Вербиер,

Возрасните лица под 45 години добиваат 25.000 швајцарски франци за преселба во ова село и дополнителни 10.000 швајцарски франци по дете. Програмата е отворена за швајцарски државјани или за квалификувани странци кои живееле во Швајцарија доволно долго за да добијат Ц дозвола за престој.

Кандидатите исто така имаат должност да живеат во дом кој ќе чини најмалку 200.000 швајцарски франци и мораат да се обврзат да живеат во местото најмалку 10 години.

Калабрија, Италија

Калабрија – Фото: valtercirillo / pixabay

Во југозападниот италијански регион Калабрија, преселба во село со помалку од 2.000 жители може да ви донесе до 28.000 евра.

Иницијативата има за цел да се спречи губењето на население во овие места.

Оние кои се заинтересирани за аплицирање мора да имаат најмногу 40 години и мора да се подготвени да се преселат во регионот за 90 дена од поднесувањето на апликацијата. Тие исто така мора да започнат бизнис или да најдат работа.

Понга, Шпанија

File:Abiegos (Ponga, Asturias).jpg

Понга – Фото: Carmenmoran / Википедија

Понга, гратче од 600 жители во северозападот на Шпанија, плаќа на биртанските државјани по речиси 3.000 евра за да се преселат на ова место. Дополнителни 3.000 евра би следувале за секое дете кое ќе се роди во ова место.

Станува збор за локација во срцето на Кантабриските Планини со предели опфатени од Светската мрежа на биосферни резервати на УНЕСКО. Градот е фокус на многу рекреативни планинари и се наоѓа на околу еден час возење од морето.

За да ја добијат паричната понуда, Британците мораат да се обврзат да живеат во Понга најмалку 5 години.

Презиче – Акварика, Италија

Презиче – Фото: Hari Seldon / Flickr

Презиче – Акварика, општина во јужниот италијански регион Апулија, плаќа на новите жители до 30.000 евра за преселба во местото.

Локацијата е составена од две гратчиња – Презиче и Акварика дел Капо, опкружени со селски предели и маслинови дрвја.

За да можат да аплицираат, поединците или семејствата мора да го променат своето официјално место на живеење во некој од овие места, а добиените пари мора да бидат искористени за купување или реновирање на ненаселен имот во општината, кои ги има на секој чекор.

Локалните власти нудат и дополнителни 1.000 евра за секое новороденче кое ќе се роди во местото.