Цело село во Шпанија се продава за 260.000 евра

За сите оние кои размислуваат за преселба надвор од градскиот метеж, како би ви изгледала понуда да купите цело село?

Станува збор за Салто де Кастро, село во северозападна Шпанија, кое е ставено на продажба за 260.000 евра.

Лоцирано на границата со Португалија во провинцијата Замора, оддалечено на три часа возење од Мадрид, селото има многу објекти кои би очекувале да ги најдете во мало шпанско гратче. Салто де Кастро има 44 домови, хотел, црква, училиште и општински базен, како и касарна која се користела за сместување на цивилната гарда.

Но, она што ова село го нема е жители. Веќе три децении тоа е целосно напуштено.

Сопственикот го купил целото село на почетокот на 2000-тите години, со намера да го претвори во туристичка дестинација, сепак кризата во еврозоната ја спречила реализацијата на оваа негова идеја.

„Сопственикот имаше сон овде да има хотел, но сето тоа беше ставено на пауза. Тој и понатаму би сакал тој негов проект да се оствари“, објаснува Рони Родригез, од компанијата која го застапува сопственикот.

На сајтот „Идеалиста“, каде е огласен имотот на продажба, сопственикот, кој е во своите 80-ти години, вели: „Го продавам бидејќи сум урбан тип и не можам да ги подмирувам трошоците за одржување на селото“.

Огласот предизвика интерес и повеќе од 50.000 луѓе ја посетиле оваа страница откако имотот бил ставен на продажба пред една недела по оваа цена.

Рордигез вели дека досега околу 300 луѓе изразиле интерес да го купат селото, а понуди стигнале и од Русија, Франција, Белгија и Велика Британија. Еден потенцијален купувач веќе уплатил пари како резервација.

Салто де Кастро бил изграден од компанијата за производство на енергија „Ибердуеро“ за да ги сместува семејствата на работниците на почетокот на 1950-тите години. Но, по завршување на проектот работниците го напуштиле селото и тоа целосно се испразнило од жители кон крајот на 1980-тите години.

Околината во која се наоѓа селото е позната како „испразнетата Шпанија“ – ретко населени рурални делови од државата, во кои недостигаат голем дел услуги кои можат да се најдат во големите градови или поразвиените села.

Салто де Кастро и претходно било ставено на продажба за 6,5 милиони евра. Сепак, откако овој оглас не привлекол купувачи, а објектите започнале дополнително да пропаѓаат, цената драстично се намалила. Сегашната сума од 260.000 евра е слична на онаа која е потребна за купување на еднособен стан во атрактивните локации во Мадрид или Барселона.

Според „Идеалиста“ инвестицијата која би била потребна за да се овозможи целосна функционалност на селото и тоа да стане профитабилно не би надминала повеќе од 2 милиони евра.