Шаќири: Полуматурантите да се фокусираат на стручното образование, тоа нуди поголема перспектива

Министерот за образование и наука, Јетон Шаќири, во пресрет на уписите во средно образование ги повика полуматурантите да се фокусираат на средното стручно образование, за кое вели дека нуди поголема веројатност за добра иднина.

Тој денеска, при посета на средното училиште „Георги Димитров“ напомена дека Северна Македонија има дефицит на стручен кадар и доста слободни работни места со солидни примања, каде се бараат квалификувани работници. Тој вели дека со диплома од средно стручно училиште младите полесно ќе можат да се вработат, а ќе имаат и добра основа за понатамошна академска наобразба.

„Образовниот процес во средните стручни училишта е интересен и квалитетен, затоа што во најголемиот дел од нив всушност се спроведува концептот на дуално образование, кој го воведовме, го развиваме, спроведуваме и промовираме заедно со бизнис заедницата, со коморите, локалните самоуправи и со голема поддршка од Швајцарската амбасада“, рече Шаќири.

Министерот потенцираше дека за учениците е обезбедена повеќе практична настава, за сметка на изучувањето теорија и тоа директно на работно место во компанија. Тој истакна дека годинава преку 450 компании ќе примаат ученици на практична обука, а ќе се доделат и околу 1.500 стипендии за учениците што ќе одберат дуално и воопшто средно стручно образование.

Од Министерството за образование и наука информираат дека пријавувањето и запишувањето на учениците во средните училишта во учебната 2023-2024 ќе се врши во еден уписен рок со две пријавувања во месец јуни, на 20 и 21 јуни и второ пријавување на 27 и 28 јуни 2023 година, преку порталот за електронски услуги на Министерството за образование и наука https://e-uslugi.mon.gov.mk со најава на средношколците преку сопствените кориснички сметки на Schools.mk.

Во училиштата каде што ќе се пријават поголем број ученици од планираниот број, кои ги исполнуваат предвидените услови, ќе се организира квалификациско тестирање по наставниот материјал од одредени предмети од осмо и деветто одделение.

Конкурсот предвидува речиси 30 илјади слободни места во 937 паралелки, од кои 279 паралелки се предвидени за гимназиското образование и  658 паралелки во средните стручни училишта. Во во соработка со општините и компаниите во земјава се обезбедени 6.475 слободни места во 259 паралелки во дуалното стручно образование.