СЕММ: Радио МОФ не ги прекршил етичките и професионални стандарди во текстот за „Work and Travel“

До извршната канцеларија на Советот за етика во медиумите на Македонија, на 22 мај 2020 година, Викинг Травел ДООЕЛ Скопје поднесе жалба за текстот со наслов „Не ни ги враќаат парите“ – конфликт помеѓу студенти и агенции за Work and Travel во САД“, објавен на 22 мај 2020 година, на интернет – порталот „Радио МОФ“ (www.radiomof.mk).

Во жалбата се наведува дека текстот содржи пристрасност и неурамнотеженост во информирање и нарушување на приватноста.

Во прилог на жалбата, подносителот Викинг Травел ДООЕЛ Скопје достави и белешка од електронската комуникација со порталот „Радио МОФ“, во која се приложени прашањата од медиумот поставени до агенцијата за предметната тема, како и одговорот на агенцијата на поставените прашања.

ОДГОВОР НА МЕДИУМОТ

Извршната канцеларија на СЕММ, во согласност со членот 14 од Правилникот за работа на Комисијата за жалби, по приемот и разгледување на жалбата, стапи во контакт со интернет –порталот „Радио МОФ“ и побара да се изјасни по однос на наводите на жалбата. Уредничката во медиумот, Јасмина Јакимовска и авторот на оспорениот текст, Емилија Петреска, одговорија на наводите на жалбата.

Тие ја отфрлаат жалбата како неоснована, со образложение дека во текстот нема прекршување на Кодексот на новинарите и дека се работи за недоразбирање во комуникацијата со жалителот. Појаснуваат дека содржината ја засноваат на поплаки на студенти, кои до нивната редакција пријавиле дека се соочуваат со проблеми околу учеството на програмата Work and Travel во Америка, настанати поради пандемијата со Ковид-19, односно дека агенциите во кои ги уплатиле средствата, вклучително и подносителот на
жалбата „Викинг травел“, не сакале да им го вратат целосниот вложен износ.

Од „Радио МОФ“ посочуваат дека во согласност со новинарските стандарди официјално побарале одговор од двете агенции на кои се пожалиле студентите, вклучително и од „Викинг травел“. Како што потенцираат од порталот, став побарале и од трета агенција, која важела за најголем организатор на ваквите аранжмани, како и од американската амбасада во земјава.

„До денес, Радио МОФ не доби демант од ниту една од агенциите кои се споменати во самиот текст. Во „Викинг“ се јавивме истиот ден откако го објавивме текстот, бидејќи по објавувањето на текстот од агенцијата стигна мејл, но не и демант, со аргумент дека сме објавиле информации кои не биле официјален став на агенцијата. Не демантираа дека сме произнеле неточни информации, туку претставникот на „Викинг“ сметаше, цитираме „дека не сме потенцирале дека ставот ќе биде за објава, односно дека ако знаеле
дека е за објава веројатно и тие немало да дадат никаков одговор“, појаснува интернет –порталот во одговорот на жалбата

Од „Радио МОФ“, меѓу другото, потенцираат дека го испочитувале и барањето за анонимност на студентите, кои се чувствувале оштетени во случајот и дека главната цел на сторијата била да одговорат на прашања кои ги засегаат студентите поради кризата со пандемијата на Ковид-19.

ОДЛУКА НА КОМИСИЈАТА ЗА ЖАЛБИ

Комисијата за жалби утврди дека жалбата е НЕОСНОВАНА и дека нема прекршување на Кодексот на новинарите на Македонија.

На седницата на 8 јуни 2020 година, членовите на Комисијата за жалби ги разгледаа наводите на жалителот и извршија увид во спорната содржина.

Членовите на Комисијата, најнапред, утврдија дека се работи за исклучително коректен и професионален текст, чиј автор целосно ги испочитувал новинарските стандарди содржани во Кодексот на новинарите. Новинарскиот производ нуди објективна информација, отвора оправдани дилеми и согледува повеќе значајни аспекти на темата за која се говори. Текстот е од широк јавен интерес и обработува тема поврзана со проблемите на студентите, настанати поради пандемијата на Ковид-19, а се однесува на недоразбирањата со агенциите кои посредуваат за летна студентска работа во Соединетите Американски Држави.

Авторот на текстот обезбедил потполна и објективна вест. Користи повеќе извори на информации, поаѓајќи од сведоштва на неколкумина анонимни студенти, кои се пожалиле дека не можат да си ги вратат средствата кои ги уплатиле во агенциите.

Новинарот го испочитувал и основното новинарско правило за „втора страна“, односно обезбедил став и од агенцијата „Викинг Травел“, која била посочена од дел од студентите, а која е подносител на оваа жалба. Во насока на подобро разбирање на целата  проблематика, авторот контактирал уште две агенции и студенстко здружение, а се обратил и до амбасадата на САД, чиј став е
пренесен во следниот текст посветен на истата тема.

Најпосле, според членот 1 од Кодексот на новинарите, новинарот може да објави нешто за кое што нема доволно докази, а за кое има доволно индикатори дека е вистина, односно нешто за што постои основано сомнение. Основано сомнение подразбира презентирање аргументи кои се разумни и кои се индикатор дека нешто е вистина, без да имаме конкретен доказ за вистинитоста.