„Не ни ги враќаат парите“ – конфликт помеѓу студенти и агенции за Work and Travel во САД

Македонските студенти кои годинава аплицираа за летна студентска работа во Америка, познато уште како Work and Travel, останаа заглавени во процедурите поради пандемијата на коронавирусот. Не можат да аплицираат за виза бидејќи не работат амбасадите, а ни факултетите од каде треба да извадат документи. Оние, пак, кои се предомислуваат од страв да патуваат сред криза, се соочуваат со губење на парите кои ги уплатиле во агенциите за посредување со работодавци и средување на документацијата. Овие средства во некои случаи достигнуваат и до 400 евра.

До редакцијата на Радио МОФ, преку копчето „Пријави проблем“ пристигна поплака од студентка која гласи:

Здраво, би сакала да известам за проблемот што го имаме студентите кои аплициравме за Work and Travel во Америка. Поради настанатата состојба со Ковод 19 не сме во можност да учествуваме на програмата. Цела програма чини 1250 евра, плус 10 000 ден за виза некои од нас ја имаат целата програма платено, некои не. На самиот почеток кога аплициравме потпишавме договор во кој се согласуваме да изгубиме околу 400 евра доколку не добиеме виза, но тоа е во нормални услови. А сега ние не сме во можност да учествуваме на програмата поради состојбата, а агенциите на некој начин нè присилуваат самостојно да се откажиме од програмата при што секој студент би изгубил 300 евра. Свесни сме дека секој губи во овај момент, не е наша вина не реализирањето на програмата, па така 300 евра за агенцијата од секој студент е многу. Би ве замолила за мислење.

Радио МОФ преку својот Инстаграм профил ги повика студентите да споделат слично искуство по што добивме бројни пораки.

Студентката М.М. од Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ во ноември потпишала договор со агенцијата „Викинг“ во Скопје и како што вели, во нормални услови таа досега требаше да има закажан термин за виза во Американската амбасада, а ако сè беше во ред, да започне со работа во САД од 1 јуни.

„Но, поради ситуацијата, не стигнавме ниту документите да ги завршиме, не стигнавме да аплицираме за виза. Исто така, амбасадите не работат за да може да закажиме термин за виза. Некако агенциите присилно нè тераат да се откажиме сами од програмата“, раскажува таа.

Според договорот, при нормални услови ако не добие виза, таа губи 400 евра, но во случајов таа не се чувствува виновна за настанатата криза, па поради тоа бара да ѝ се вратат средствата.

М.М. на крај, добила три опции – да се откаже, да чека, или ако ја платила целосната сума од 1250 евра да доплати 150 евра за да ѝ важи догодина. Во случај да се откаже, од вложени 23 000 денари (370 евра) за првата рата, таа ќе добие само 4000 денари (65 евра) назад.

„Во договорот има точка дека може да го сменат договорот… Ништо  не може да се направи“, вели разочарано оваа студентка.

Со сличен предизвик се соочува и Т.Л. која од 350 евра кои ги уплатила во истата агенција, ќе добие само 50 назад.

„Во договорот стои дека во случај на наше повлекување од програмата, тие задржуваат дел од сумата, зависно од тоа колку имаме уплатено и до кој стадиум од процедурата сме, но нема никаква ставка во случај на пандемија или некоја друга виша сила“, објаснува таа.

Револтирана е што од други агенции морала да се информира за ризиците по пат, за задолжителниот карантин на нивен трошок, тестирања, како и стравот од можен втор бран.

Нивната судбина ја дели и студентката Сандра од Филозофскиот факултет при УКИМ, но со агенцијата „Интракс“ од Скопје.

Според досегашната пракса, студентите во најголем број од случаите, може да ја плаќаат сумата во три рати – две пред интервјуто за виза во Амбасада и третата на крај ако успешно помине интервјуто. Но, во случајот на Сандра, од агенцијата ја известиле дека само третата рата може да ја вратат, иако таа не ја платила бидејќи го откажала и интервјуто.

„Ми дадоа една и единствена опција – да ги задржат парите уплатени од првите две рати за да одам наредна година, што кај нас ништо не е сигурно дали воопшто ќе ги задржат и само така да си останат парите во неповрат. Тоа е проблемот, од првите две рати ни дел не сакаат да вратат. Да, едната рата е за интервју за виза и тие пари се уплатени во Амбасадата, но првата рата која чини околу 400 евра и се уплатени за агенцијата не даваат повраток. На секој кандидат би му бил добредојден некој дел од парите да ги вратат, силно верувам во тоа и верувам дека не сум единствена со овој проблем“, ни се пожали студентката.

Студенти најавуваат и тужби

Оставени во неизвесност, студентите решиле времето да покаже како ќе се развиваат настаните. Но, како што минувало времето, понудите и работните места кои ги добиле во одредени држави и места биле откажани и им било кажано да чекаат нови. Други, пак, имале среќа да добијат, но со сменета локацијата за која првично имаат уплатено и сменето времето на поаѓање и враќање, што ги пореметува нивните лични планови.

И студентката П.Е. се пожали од „Инстракс“, велејќи дека заедно со нејзини врсници ја разгледуваат опцијата за барање инспекција или покревање тужба.

„Нашата агенција воопшто не даде опција за рефундација и со тоа ни ги скратува сите права. Кога побаравме рефундација рекоа дека тоа е невозможно. Но, што се случува ако студентот е четврта година и следна година едноставно не може да замине, останува дека е сепак приморан да се откаже или да оди годинава во сред пандемија. Покрај тоа, постојат уште ред други лични обврски или пак едноставно нема повеќе желба за заминување“, се пожали таа.

Радио МОФ се обиде да побара одговор од „Интракс“ преку достапните мејлови и броеви на агенцијата, но до објавувањето на текстот не добивме одговор.

Од „Викинг, пак, уверуваат дека сите студенти што имат аплицирано кај нив се известени за можностите и условите за продолжување или откажување од програмата.

„Имаат опција да се откажат под изменети услови од стандардниот договор и исто така им е понудена опција за ваучери за следната година“, велат од оваа агенција.

Студентите да не избрзуваат со купување на авионски билети

Жалби од студенти стигнале и до Здружението на алумнисти на програмата СВТ – Скопје. Станува збор за здружение, кое волонтерски го создале независна група студенти за да го промовираат и подобрат статусот на оние кои биле или треба да станат дел од оваа програма.

Со оглед дека границите на Северна Македонија сè уште се затвори, од Здружението им порачуваат на оние студенти кои ќе решат да опстојат на ставот за учество во програмата, да не купуваат се уште авионски билети и будно да ја следат состојбата на дневно ниво.

Нивниот совет до студентите е да стапат во контакт со своите работодавачи во САД, како и со своите агенции и заеднички да видат кое е најдоброто решение и колкав е ризикот за реализација на програмата оваа година.

„Во контекст на ова, најажурираните информации би ги имала Амбасадата на САД во Скопје, преку нивното конзуларно одделение, кое е надлежно за процесот на добивање виза на македонските државјани, што е предуслов за учество и заминување на програмата во САД. Тие би биле надлежни околу прашањето за првите можни термини за виза, дали интервјуата ќе се остваруваат физички во нивните простории или можеби виртуелно и онлајн. Додека пак, односот на секој студент со предметната агенција која ја одбрал да биде негов посредник за учество на програмата СВТ, треба да го разгледа директно со претставник на таа агенција. Препорачуваме внимателно читање на одредбите од договорите кои ги имаат склучено, без брзање за потпишување на било што, а по можност и консултирање со стручно лице од областа на правото“, велат од Здружението.

И покрај желбата да се биде дел од програмата, тие ги повикуваат студентите на трезвеност и разумно согледување на ситуацијата.

„Важно е и во кој дел од САД се нивните работодавачи, односно пожелно е да направат свое мини истражување за тоа како таа конкретна сојузна држава се справува со вирусот, кои ограничувања ги наметнува, какви се рестрикциите за патување, влез и излез. Реализирањето на програмата, оваа година, се очекува да започне малку подоцна со оглед на моменталните околности, па препорачуваме да го имаат и тоа на ум при правењето на своите планови за патување, а особено во врска со усогласувањето со тековните обврски на универзитите каде студираат“, велат од Здружението.

Студентска работа сепак во најава?

Македонските студенти ја делат судбината на студентите од целиот свет, кои се затекната со моменталната состојба со Ковид-19, велат од агенцијата „Коузон“. Оттаму потврдуваат дека процесот заглавил до аплицирање за виза.

„До 12 мај програмата беше ставена во мирување со одлука на американската влада. Од 12 мај наваму, целиот процес се одвива во насока на подготовка за закажување на апликации за американска виза и добивање на нови или потврдување на работните договори со американските работодавци. Повеќе од сигурно е дека програмата ќе се реализира и дека еден број на студенти ќе заминат за Америка ова лето“, уверуваат од оваа агенција.

Според нивните информации, планот е да се почне со апликации за виза и влегување во Американската Амбасада во Скопје во периодот помеѓу 1-20 јуни.

„Патувањето во Америка , предвидено е да се реалзира во периодот од 15 јуни до 5 јули. Останувањето во Америка ќе биде можно максимум до 28 септември“, велат од Коузон.

Во случај студентите да се откажат, од „Коузон“ информираат дека тие задржуваат одреден дел од сумата, во зависност од тоа колку услуги направиле за клиентот. Па така, таа сума варира од 1.500 денари ако не е склучен работен договор, а аплицирале за програма, па се до 12.000 денари.

Сепак и овде, во случај на откажување од програмата во овој период, студентите имаат обврска да дадат писмена изјава за откажувањето заради лични причини.

Но, како што информираат од „Коузон“, американските работодавци ја зголемиле побарувачката за работници поради зголемената потреба од работна сила за да одговорат на новите барања за хигиена/служење на храна и сервис во објектите во кои ќе работат.

„Предизвик е секако и најавата дека тешко ќе биде да се најде втора работа во текот на летото што следи“, велат од агенцијата.

Сепак, тие признаваат дека постојат и работодавци кои одлучиле да го намалат бројот на вработените, така што за еден дел од студентите кои одлучиле да патуваат за Америка, мора да бараат нови работни договори.

Емилија Петреска