Седум починати, 165 новозаразени и 128 оздравени пациенти од Ковид-19 во изминатите 24 часа

Министерството за здравство (МЗ) денеска информираше дека од Ковид-19 починале седум лица, односно, по двајца пациенти од Скопје и Куманово и по еден пациент од Струга, Кочани и Неготино. На Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби починал пациент на 55-годишна возраст, а во болницата „8-ми Септември“ починале двајца пациенти на 68 и 63-годишна возраст.

„Во болницата во Кавадарци почина пациент од Неготино (56г), во болницата во Кочани пациент (56г).  Во Куманово се починати двајца пациенти на возраст 71г и 79г“, информираат од МЗ.

Во последните 24 часа потврдени се нови 165 случаи на Ковид-19, односно, 71 случај е регистриран во Скопје, 20 во Тетово, 15 во Куманово, 14 во Гостивар, по десет во Охрид и Штип, по пет во Прилеп и Ресен, четири случаи во Пробиштип, по три случаи во Струга и Битола, два во Кичево и по еден случај во Дебар, Велес и Македонски Брод.

Институтот за јавно здравје регистрирал 128 оздравени пациенти, 97 од Скопје, 11 од Штип и Ресен, три од Тетово, по два од Велес и Битола и по еден од Струмица и Неготино.

„Вкупната бројка на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 6787, бројката на оздравени пациенти е 2876, на починати е 328, а во моментов бројот на активни случаи во земјата изнесува 3583. Од вчерашните тестирања три се контролни“, стои во соопштението на МЗ.

На Инфективната клиника во Скопје во изминатите 24 часа се примени тројца пациенти, а вкупно се хоспитализирани 89 пациенти. Од нив, на кислородна поддршка се 53 пациенти, а нема пациенти на механичка вентилација.

Во болницата во Козле се хоспитализирани 30 возрасни пациенти позитивни на ковид-19 и пет деца позитивни на вирусот.

„Во ГОБ „8 Септември“ примени се 18 нови, вкупно хоспитализирани се 130 пациенти. На респираторна машина се 9 пациенти.
Во болницата во Битола се хоспитализирани 37, а во болницата во Штип се хоспитализирани 40 пациенти. На инфективните одделенија во Тетово, Охрид, Велес, Куманово, Прилеп и Гостивар се хоспитализирани 91 пациенти – позитивни и сомнителни на ковид-19“, информираат од МЗ.

Досега во земјава се направени вкупно 64.837 тестирања на Ковид-19, а во изминатото деноноќие се направени 1.454 теста.