Саут Парк решија да не го исмеваат Трамп бидејќи „сатирата стана реалност“

Во своите 20 сезони, анимираната телевизиска серија Саут Парк досега ги критикуваше преку сатира Садам Хусеин, Мајкл Џексон, голем број политичари и холивудски ѕвезди, па дури и Исус и Сатаната. Иако моменталниот претседател на САД, Доналд Трамп, се чини „зрел за пародија“, авторите на серијата решија да не го вклучуваат во ниту една епизода.

Во интервју за австралиското шоу 7:30, од Мет Стоун и Треј Паркер бил побаран коментар за моменталната политичка состојба, преку нивниот познат стил на црна сатира.

За нив, реалноста станала речиси претешка за исмевање.

„Многу е проблематично сега, бидејќи сатирата на некој начин ни стана реалност“, вели Паркер. „Затоа е тешко да го исмеваме тоа, а последната сезона на Саут Парк заврши пред месец и пол. Навистина се обидувавме да извадиме шеги од она што се случуваше, но не можевме да одржиме чекор“, додава.

Иако разработувањето на конкретни теми е долго време дел од содржината на Саут Парк, се чини дека луѓето кои се на власт сега „го украдоа шоуто“.

„Луѓето постојано ни велат „Сега имате добар материјал“, како ние да сме среќни за нештата кои се случуваат. Но, не знам дали тоа е точно, не се чувствувам така“, вели Стоун. „Изгледа како тие да ја пишуваат комедијата за нас“.