САД поставува бодликава жица на границата за мигрантите

Стотици мигранти од Централна Америка, кои планираат да побараат азил во САД, се упатија кон границата на земјата со Мексико. Aмериканските војници, пак, ги зајакнаа безбедносните мерки, поставувајќи бодликава жица и подигајќи барикади.

Околу 400 имигранти кои се отцепија од главниот караван во Мексико Сити вчера пристигнаа во пограничниот град Тихуана со автобус. Поголеми групи се очекува да пристигнат во наредните денови.

Повеќе од 7.000 војници ќе ја штитат граничната областа, откако караванот, главно жители на Хондурас, се проби низ Мексико.

Царината и граничната заштита на САД објави дека ќе ги затворат лентите кај Сан Исидро и Ота Меса кои поминуваат низ Тихуана за да му овозможат на Одделот за одбрана да ја инсталира бодликавата жица и да ги позиционира барикадите и мрежата. Тихуана, во мексиканската држава Долна Калифорнија, е на западниот крај на границата, околу 38 километри од Сан Диего, Калифорнија.

Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп зазеде цврст став против караванот, кој го започна своето патување кон север на 13-ти октомври и кратко се судри со безбедносните сили на југот на Мексико на почетокот.

Во петокот Трамп потпиша декрет со кој се суспендира давањето азил на оние кои илегално ја преминале границата.

Но, мигрантите кои планираат да побараат азил во САД, велат дека биле обесхрабрени од операцијата.

„Повеќе сакам да бидам во притвор во САД отколку да се вратам во мојата земја, каде што знам дека ќе ме убијат поради тоа што сум поинаков”, рече Нелвин Мехиа, трансродова жена која во понеделникот допатува во Тихуана со група од околу 70 лица кои бараат азил. „Минатиот месец тие го убија мојот партнер, и не сакам да завршам така”.

Со години, илјадници, главно централно-американски, имигранти започнуваат долги патувања низ Централна Америка и Мексико за да стигнат до САД. Многу од нив умираат во обид или се киднапирани од организирани криминални групи.

Уште неколку илјади мигранти во најмалку три групи се движат низ Мексико кон границата.