Руска новинарка приведена во Косово, откако ја ослободија доби пет години забрана за влез во земјата

Министерот за внатрешни работи на Косово, Џељаљ Свечља вчера изјави дека министерството ја привело руската новинарка Дарија Асламова поради нивниот сомнеж дека таа е руски шпион, јавува „Ројтерс“.

„Многу држави докажаа дека таа е вмешана во шпионажа за руското воено разузнавање и дека се преправа дека е новинарка“, изјави Свечља на вчерашната прес-конференција.

Новинската агенција Ројтерс пишува дека засега не може да ги потврди обвиненијата што косовскиот министер за внатрешни работи ги упати кон Асламова.

Асламова која работи за рускиот таблоид „Комсомолскаја“ беше цитирана од нејзиниот медиум дека е ослободена и дека во моментов се наоѓа во српскиот град Рашка.

Во написот, ниту медиумот ниту Асламова не се осврнаа кон косовските обвиненија против неа.

Косовскиот министер Свечља на неговиот Фејсбук профил објави фотографии од Асламова на кои таа е со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров и сирискиот претседател Башар ал Асад, а денес во нова објава напиша дека на Асламова ѝ се забранува влез на територијата на Косово период од пет години и во моментов таа е „персона нон гранта“.