САД му даде имунитет на Мохамед Бин Салман за убиството на новинарот Кашоги

Американските власти потврдија дека принцот престолонаследник на Саудиска Арабија, Мохамед Бин Салман, има имунитет од прогон во САД поради убиството на новинарот Џамал Кашоги.

Кашоги, кој беше познат критичар на власта на Саудиска Арабија, беше убиен во саудискиот конзулат во Истанбул во октомври 2018 година.

Американското разузнавање претходно има кажано дека веруваат дека принцот Бин Салман го нарачал убиството. Но, од Стејт Департментот велат дека тој е заштитен при евентуално покренување судски процес против него во земјата, поради неговата нова функција на премиер на Саудиска Арабија.

„Доктрината на имунитет на шеф на држава е воспоставено и вообичаено во меѓународното право“, велат правниците на Стејт Департментот во документ поднесен во судот во округот Колумбија.

37-годишниот саудиски престолонаследник ја доби оваа нова функција во септември. Тој досега ги отфрли сите обвинувања дека имал некаква улога во убиството на Кашоги.

Сепак, од администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден, потенцираат дека ваквата одлука не значи и признавање невиност.

Поранешната свршеница на Кашоги, Хатиџе Ченгиз, за судската потврда на Твитер напиша: „Џамал умре повторно денеска“.

Саудиска Арабија тврдат дека поранешниот новинар на Вашингтон Пост бил убиен во „одметничка акција“ на тим агенти кои биле испратени да го убедат да се врати во кралството. Сепак, амерканските разузнувачи од ЦИА тврдат со високо ниво на сигурност дека Бин Салман бил вмешан во убиството.

Случајот предизвика револт низ светот и предизвика удар врз имиџот на саудискиот принц, кој е де факто владетел со Саудиска Арабија.