Турција го прекина судењето за убиството на новинарот Кашоги и предметот го испрати во Саудиска Арабија

Турскиот суд одлучи да го суспендира судскиот процес во отсуство кој се води против 26 Саудијци за убиството на новинарот на Вашингтон Пост, Џамал Кашоги, и предметот ќе го префрли во Саудиска Арабија.

Оваа одлука доаѓа и покрај предупредувањата од организациите за заштита на човековите права дека предавањето на обвинението во кралството ќе доведе до заташкување на убиството, кое се поврзуваше со саудискиот престолонаследник, Мохамед бин Салман.

Кашоги, кој ги критикуваше политиките Бин Салман, беше убиен на 2 октомври 2018 година во конзулатот на Саудиска Арабија во Истанбул. Тој таму отишол на закажан термин за добивање документи кои му биле потребни за стапување во брак.

Турските власти, по извршената истрага, утврдија дека Кашоги бил убиен во конзулатот и неговото тело било раскасапено со пила од тим на саудиски агенти испратени во Истанбул. Во групата биле доктор по форензика, вработени во разузнувачките и безбедносните служби, како и поединци кои работеле во канцеларијата на Бин Салман. Никогаш не беа пронајдени остатоците од Кашоги.

Саудиска Арабија се обиде да го прикрие убиството, првично убедувајќи дека Кашоги го напуштил конзулатот, за потоа да го промени објаснувањето во тоа дека новинарот загинал во тепачка во конзулатот. Саудиските власти подоцна признаа дека Кашоги бил убиен во умислена акција, но дека таа била изведена без знаење на властите во земјата.

Предавањето на судскиот предмет доаѓа во период кога Турција, која се соочува со економски проблеми, се обидува да ги поправи односите со Саудиска Арабија и неколку други земји од регионот.

Дел од медиумите велат дека властите во Ријад го условиле подобрувањето на односите со Турција со откажување од случајот против обвинетите Саудијци.

Минатата недела турскиот обвинител препорача случајот да биде префрлен во кралството, тврдејќи дека судењето во Турција ќе остане без разрешница.

Турскиот министер за правда ја поддржа оваа препорака, додавајќи дека судењето во Турција ќе продолжи доколку турскиот суд не биде задоволен со разврската од процесот во Саудиска Арабија.

Но, не е јасно дали кралството, кое веќе започна судење затворено за јавноста против дел од обвинетите, ќе започне ново судење.

Активистите за човекови права алармираа Турција да не го предава овој случај во Саудиска Арабија.

„Со префрлање на случајот за убиство извршено на нивна територија, Турција свесно и по сопствена волја го префрла процесот во рацете на оние кои ја имаат одговорноста“, рече генералниот секретар на Амнести Интернешнал, Агнес Каламар.

„Системот во Саудиска Арабија константно одбиваше да соработува со рускиот обвинител и јасно е дека правдата не може да биде испорачана во саудиски суд. Што се случи со заложбите на Турција дека правдата мора да превладее за ова грозоморно убиство и дека овој случај никогаш нема да стане пион меѓу политичките калкулации и интереси?“, додава Каламар.

Критики стигнаа и од организацијата Хјуман Рајтс Воч.

„Со оглед дека Саудиска Арабија нема никаква судска независност, улогата на властите во земјата во убиството на Кашоги, нивните претходни обиди за попречување на правдата и судскиот систем кој не успева да ги задоволи основните стандарди на правичност, фер судење за случајот Кашоги во Саудиска Арабија се рамни на нула“, велат од организацијата.

Пред да биде убиен, Кашоги повеќе од една година беше во политички егзил во САД, стравувајќи од политички прогон. Новинарот ги поздрави реформите во Саудиска Арабија од страна на престолонаследникот Мохамед Бин Салман, но продолжи да го критикува неговото автократско владеење.

Во декласифициран извештај на разузнувачките служби на Соединетите Американски Држави беше наведено дека Бин Салман ја одобрил операцијата во кој беше убиен новинарот Џамал Кашоги во саудискиот конзулат во Истанбул.