[Видео] Полицијата со солзавец ја разби парадата на гордоста во Истанбул

Турската полиција пред два дена употреби солзавец за да ја растера толпата собрана на парадата на гордоста во центарот на Истанбул, и приведе неколку лица кои сакаа да учествуваат на настанот кој беше забранет од локалните власти, пренесува „Индекс“.

Новинската агенција „Ројтерс“ го сними моментот каде полицијата турка и влече луѓе, од кои некои вееја знамиња во боја на виножитото, додека се собираа на улицата во близина на авенијата Истиклал.

Приведени се околу 20 лица, меѓу кои и еден фоторепортер.

Турските власти во последните години неколку пати ја забрануваа парадата на гордоста. Претходно пак, илјадници луѓе учествуваа на овие паради низ улиците на Истанбул. Турција одамна е кандидат за влез во Европската Унија, но процесот е отежнат поради различни прашања, вклучително и поради почитувањето на човековите права.

Во четвртокот, повеќето лидери на ЕУ ветија дека ќе продолжат да се борат против дискриминацијата на ЛГБТ заедницата, додека трае спорот со Унгарија, чиј парламент минатата недела го одобри законот со кој во училиштата се забранува дистрибуција на материјал кој наводно промовира хомосексуалност и промена на полот.