[Видео] Парадата на гордоста во Тбилиси откажана по насилните анти-ЛГБТ протести

Во главниот град Тбилиси во Грузија, ЛГБТ активистите ја откажаа парадата на гордоста по насилните судири кои се случија пред најавата за одржување на парада на гордоста, јавува „Евроњуз“.

Насилните групи вчера исто така упаднаа и ја разбија канцеларијата на борците за геј права, потврдија грузиските власти. Активистите објавија фотографии и видеа од луѓето кои упаднаа во канцелариите, а некои новинари објавија дека нивната опрема е искршена во нападот.

По судирите меѓу анти-ЛГБТ групите и полицијата, организаторите на парадата изјавија дека ќе го откажат настанот.

„Властите не ја осигураа безбедноста на заедницата и нашите поддржувачи“, се вели во соопштението објавено на Твитер.

„Не можеме да излеземе на улиците полни со насилни луѓе поддржани од властите и патријархатот и да ги ставаме во опасност животите на луѓето. Беше објавена војна против граѓанското општество и демократските вредности“, додаваат тие.

Организаторите посочија дека „активно комуницирале“ со грузиското министерство за внатрешни работи во однос на безбедноста пред најавениот марш.

„Акциите на владата јасно покажаа дека тие не сакаат да ја извршуваат нивната директна должност. Непостапувањето и извршната власт ги доведе во реална опасност здравјето и животот на грузиските граѓани“, велат организаторите.

Активистите исто така ја повикаа меѓународната заедница да се спротистави на „радикалните групи“ и проруските анти-ЛГБТ гласови во Грузија.

Земјата останува под влијание на моќната православна црква, која беше главен критичар на владите кои се сметаа за премногу прогресивни.