Саудискиот престолонаследник го одобрил убиството на новинарот Џамал Кашоги, покажа американски разузнувачки извештај

Принцот престолонаследник на Саудиска Арабија Мохамед Бин Салман ја одобрил операцијата во кој беше убиен новинарот Џамал Кашоги во саудискиот конзулат во Истанбул, покажува декласифициран извештај на разузнувачките служби на Соединетите Американски Држави кој беше објавен вчера.

Сепак и покрај ваквиот заклучок, претходната американска власт одбиваше да воведе било какви санкции за идниот саудиски крал.

Документот од четири страници само ги потврди сомнежите во јавноста дека 35-годишниот принц престолонаследник имал директна улога во бруталното убиство на новинарот во саудискиот конзулат во Истанбул на 2 октомври 2018, кој беше еден од најголемите негови критичари. Кашоги живееше во егзил во САД, а во своите текстови често го критикуваше авторитарното преземање на власта од Бин Салман.

Објавувањето на извештајот е проследено со дополнителни акции од администрацијата на новиот претседател, Џо Бајден, помеѓу кои и воведувањето на нова „Политика Кашоги“. Со новата политика ќе бидат воведени забрани за виза за поединци кои во име на странски влади се впуштаат во активности за сузбивање на дисиденти, како малтретирање, набљудување и закани врз новинари, активисти и дисиденти.

Американското министерство за финансии пак воведе нови санкции против Ахмад Хасан Мохамед Ал Асири, поранешниот заменик директор на разузнувањето на Саудиска Арабија, за кој се смета дека ја добил мисијата за убиство на Кашоги и ја предводел операцијата.

Кашоги беше убиен во октомври 2018 година откако влегол во саудискиот конзулат во Истанбул за да подигне документи потребни за да се ожени со неговата свршеница. Турските власти соопштија дека неговото тело било раскасапено и отстрането од објектот.

Саудиска Арабија се обиде да го прикрие убиството, првично убедувајќи дека Кашоги го напуштил конзулатот, за потоа да го промени објаснувањето во тоа дека новиналот загинал во тепачка во конзулатот. Саудиските власти подоцна признаа дека Кашоги бил убиен во умислена акција, но дека таа била изведена без знаење на властите во земјата.

Во извештај на ОН беше наведено дека доказите упатуваат на тоа дека за ликвидацијата било неопходна голема координација со властите, ресурси и финансии.

Кашоги повеќе од една година беше во политички егзил во САД, стравувајќи од политички прогон. Новинарот ги поздрави реформите во Саудиска Арабија од страна на престолонаследникот, Крунисаниот принц Мохамед Бин Салман, но продолжи да го критикува неговото автократско владеење.