Русија помилува осуденик за убиство на новинарка откако служел на фронтот во Украина

Еден од осудените за убиството на руската новинарка Ана Политковскаја е помилуван по отслужување на бојното поле во Украина, објавија руските медиуми, пренесува Н1.

Сергеј Хаџикурбанов е поранешен полицаец кој во 2014 година беше осуден на 20 години затвор. Оваа информација ја потврди и неговиот адвокат.

Во изјава за руските медиуми, новинарот и добитник на Нобеловата награда за мир Дмитриј Муратов оцени дека неговото помилување е знак на систематско непочитување на правата на жртвите од страна на државата.

Наградуваната новинарка Политковскаја која го критикуваше Кремљ, беше убиена пред нејзиниот стан на 7 октомври 2006 година.

По долга истрага, во 2014 година неколку мажи од Чеченија беа осудени за убиство.

Семејството и поранешните колеги на новинарката се сомневаат дека се работи за политичко убиство и не се откажуваат од барањето да се спроведе сеопфатна истрага за убиството.

Политковскаја работеше за Новаја Газета, весник кој го критикува Кремљ. Во периодот пред убиството, таа пишуваше за кршење на човековите права во Чеченија.

Рускиот портал База на Телеграм објави дека поранешниот полицаец обвинет за организирање на нејзиното убиство бил испратен на украинскиот фронт на крајот на 2022 година. По шест месеци тој го продолжил договорот со руското Министерство за одбрана.