УНФПА предупредува на разорното влијание на војната врз украинските жени и девојки

Фондот за население на Обединетите нации (УНФПА) предупреди дека животите на бремените жени во Украина се во опасност бидејќи илјадници од нив немаат пристап до основните услуги поради постојаните напади врз болниците, патиштата и енергетската инфраструктура, јавува Евроњуз.

Околу 195.000 бебиња се родени во Украина во 2022 година во услови на воен хаос. Многу идни мајки беа принудени да се породуваат во подруми и засолништа во тешки услови.

Телото на Обединетите нации вели дека работи со нивните партнери на испорака на материјали за репродуктивно здравје, лекови и опрема до болниците и мобилните тимови, покривајќи ги непосредните потреби за репродуктивно здравје на 7.2 милиони луѓе.

Фондот вели дека работи со 20 мобилни клиники со своите партнери за да го поддржи пристапот до услугите за репродуктивно здравје, вклучително и здравјето на мајките и планирањето семејство, во некои од најтешко достапните области, и планира да го зголеми овој број годинава.

Фондот посочува дека војната и масовното раселување ги зголемиле ризиците од насилство кај жените и девојките, вклучително и сексуално насилство, експлоатација и злоупотреба. Како одговор на тоа, повеќе од 120.000 луѓе добија асистенција и упатувања за родово базирано насилство преку службите за заштита поддржани од УНФПА во Украина во текот на минатата година.