Првиот човек на ОН ја осуди руската инвазија врз Украина пред годишнината од војната

Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, ја осуди руската инвазија врз Украина нарекувајќи ја „удар за светската колективна совест“.

Гутереш оваа порака ја испрати од состанок на Генералното собрание на ОН на кој се дебатираше по предлог-резолуцијата од Украина и нејзините сојузници кои бараат Русија да се повлече од соседната држава веднаш и безусловно.

„Таа инвазија е удар за нашата колективна совест. Тоа е кршење на Повелбата на Обединетите нации и меѓународното право“, изјави Гутереш пред Собранието.

Тој предупреди дека на светот му се заканува голема опасност од широките последици од конфликтот, како регионална нестабилност, подгревање на глобалните тензии и поделби, додека истовремено се пренасочува вниманието и ресурсите од други кризи и важни глобални проблеми.

„Време е да се вратиме чекор назад од амбисот. Лежерноста само ќе ја продлабочи кризата, додека дополнително ќе се подријат нашите заеднички принципи кои се запишани во Повелбата. Војната не е решение. Војната е проблем. Луѓето во Украина ужасно страдаат. На Украинците, Русите и луѓето далеку од овие земји им е потребен мир“, рече Гутереш.

Резолуцијата ја поддржуваат 60 држави кои во текстот ја потенцираат важноста од „итен, праведен и долгорочен мир во Украина во согласност со Повелбата на Обединетите нации“.

Резолуцијата се очекува да го добие потребното мнозинство гласови во текот на денешниот ден, речиси на годишнината од руската инвазија. Иако не е правно обврзувачка, сепак ваквите декларации имаат силна политичка тежина. Но, и покрај тоа, не се очекува дека гласањето ќе има некакво влијание врз руските воени акции во Украина.

Во текот на минатата година Генералното собрание изгласа неколку слични резолуции во против инвазијата. Во октомври 143 земји членки на ОН го осудија руското нелегално анексирање на делови од Украина, додека само Русија, Белорусија, Сирија и Северна Кореја гласаа против.