РСБСП: За возачка дозвола од Б-категорија ќе може да се полага со најмалку 17 години

Со измените на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата (ЗБСП) предвидени се промени во делот на условите за стекнување со право за оспособување за управување на моторно возило од „Б“ категорија за дете. Имено, во однос на возраста со која што дете може да се стекне со право за оспособување за управување со возило, предвидено е детето да има наполнето 17 години, а не со наполнети 16 години, како што досега предвидуваше Законот, информираат од Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот и патиштата (РСБСП).

Од таму потенцираат дека е голем бројот на деца кои седнуваат зад управувачот уште пред да се стекнат со право за управување на моторно возило, односно на возраст од 15, 16 и 17 години. Причината за ова појава може да се бара во желбата за докажување пред своите другари, но, во најголем број случаи, велат од РСБСП, вина имаат и родителите кои им дозволуваат на своите деца да седнат зад управувачот, и покрај тоа што тие не се оспособени, ниту пак ги исполнуваат условите за управување на возило.

„Во многу случаи, детето управува моторно возило, а неговиот родител  седи на предното совозачко седиште и се восхитува на своето дете, без притоа да биде свесен дека прави голема грешка“, соопштува РСБСП.

Со предвидените законски измени, велат тие, нема потреба детето-кандитат за возач да има одличен успех и примерно поведение во последната завршена учебна година, како што досега предвидуваше ЗБСП, ниту пак има потреба од писмена согласност од психологот и педагогот од училиштето каде учи детето.

„Покрај условот кој што се однесува за возраста на детето, потребно е да бидат исполнети и следните услови: детето треба да поседува лична карта, да е здравствено и психофизички способно да управува со моторно возило, да има завршено најмалку основно образование, и да има согласност од двајцата родители, законскиот застапник или старателот, заверена на нотар. Оспособувањето за управување со моторно возило на дете се врши со зголемен број наставни часови од практичниот дел на наставната програма за 30% во однос на бројот на наставни часови од практичниот дел на наставната програма, предвидени за останатите кандидати за возачи“, велат од РСБСП.

Исто така, потенцираат дека дете кое поседува возачка дозвола од „Б“ категорија не смее да управува со возило во патниот сообраќај во времето од 20 до 05 часот, освен ако во возилото го придружува родител, односно старател со „Б“ дозвола на предното седиште, на кого не му е изрекувана прекршочна санкција забрана за управување со моторно возило.

„Дете-возач не смее да управува со возило со брзина поголема од 60 km/h на јавен пат, односно со брзина поголема од 80 km/h на пат наменет исклучиво за сообраќај на моторни возила, ниту пак со брзина поголема од 100 km/h на автопат. Во однос на силата на моторот на возилото кое што смее да го управува дете-возач, потребно е да се истакни дека јачината на моторот на возилото не смее да биде поголема од 77 kw. Дете-возач не смее со возило да влече приклучно возило, ниту пак да управува со возило надвор од територијата на Република Македонија“, соопштува РСБСП.

РСБСП апелира до сите учесници во сообраќајот кои спаѓаат во категоријата дете-возач да бидат максимално одговорни и да ја почитуваат законската регулатива за оваа категорија возачи.