Ромите под Кале до Царовска: Ние сме уште ни на небо ни на земја!

Околу 200 Роми сè уште живеат во катастрофалните услови во импровизираната населба под скопското Кале, вршејќи нужда на отворено, бањајќи се во Вардар и голтајќи прашини на пеколните температури ова лето.

Тука живеат и околу 65 деца кои освен што растат во минимални хигиенски услови, не одат во училиште и често заедно со повозрасните пешачат по скопските улици во потрага по некакви средства за да преживеат.

Дел од Ромите денес се соочија со Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, на која и ги пренесоа своите проблеми со домувањето, сиромаштијата и социјалната исклученост, за време на конференција на која се дебатираше за сиромаштијата.

„Ние сме ни на небо ни на земја“, и се обрати на Министерката, Реџеп Асан кој има девет деца и беше дојден со дел од семејството, образложувајќи ги проблемите со кои секојдневно се соочуваат – животот по улица за нивните деца, немањето превоз за да ги праќаат на училиште, укинатата социјална помош и недостатокот на храна.

Министерката Царовска одговори дека е свесна за условите во кои се наоѓаат и дека во подготовка се привремените живеалишта како времено решение за нивниот проблем.

„Битно е дека вие зимава нема да спиете во шатори под Кале, туку во привремени живеалишта во Визбегово, каде што ви е безбедно, оградено и ќе си имате посебни клучеви. Сите 33 семејства кои сте регистрирани ќе си бидете сместени таму. Вашите деца ќе мора редовно да одат на училиште, без исклучок. Ќе си примате социјална помош и ќе ве посетува социјален работник еднаш неделно. Таму ќе има откупен пункт „Пакомак“ за да бидете ангажирани, затоа што тоа што го правите со собирање пластика не е мала работа за државата“, рече Царовска.

Во врска со долгорочното решавање на социјални станови за бездомни лица, Министерката изјави дека размислуваат каков тип на колективно стамбено живеење можат да обезбедат за овие лица. Една од опциите е лицата да не смеат да го купат станот, туку да го користат додека се наоѓаат во економска немоќ, а потоа да го отстапат на друго лице.

„Во моментов нудиме несоодветни решенија како „Чичино Село“ или „25 Мај“ или „Ранка Милановиќ“, колку да не сте под небо. Социјални станови биле градени во минатото, но нив не ги добивале граѓани во најголем ризик, туку тие што можеле да си ги плаќаат. Становите, можеби сега со новиот министер за транспорт е променета праксата, се продаваа по 600 евра квадрат. За толку пари јас не можам да си купам стан, а не пак семејство во социјален ризик. Тоа е пазарната цена. Значи тука е правена некаква – дали злоупотреба, дали можност за млади брачни парови“, рече Царовска.

Таа дополнително информираше дека за оваа зима се подготвуваат за интервентно сместување, за што веќе се договориле со Црвениот Крст. Ќе бидат поставени привремени живеалишта на четири локации во четири града, каде што ќе може да се преноќи во ладниот бран во зимно време, или за топлиот бран во летно време.

Ромите под Кале пред една година беа насилно избркани од властите и им беа срушени живеалиштата од локацијата каде престојуваа 10 години поради изградба на хотел во барок. Тие се префрлија педесетина метри подалеку во уште полоши услови очекувајќи решение од властите.

Даниел Евросимоски